Германија и понатаму зависна од Кина за ретките метали

Германија и во 2024 година останува силно зависна од Кина кога станува збор за набавка на ретки земјени метали, со 65,5 отсто од вкупниот увоз на овие стратешки суровини потекнувајќи токму од оваа азиска сила. Податоците ги објави германскиот завод за статистика – Дестатис.

Минатата година Германија увезла околу 3.400 тони ретки метали од Кина, вклучувајќи клучни елементи како неодимиум, прасеодимиум и самариум, кои се користат во производството на постојани магнети за електрични мотори, електроника и обновлива енергија. Иако зависноста од Кина е малку намалена во споредба со 2023 година, кога увозот изнесувал 69,1 отсто, останува доминантна.

Во рамките на Европската Унија, ситуацијата е слична. Според последните податоци, 46 отсто од увозот на ретки метали во ЕУ доаѓа од Кина, следена од Русија со 28,4 отсто, и Малезија со 19,9 отсто.

Во обид да ја диверзифицира својата зависност, Германија се насочува и кон други извори. Во 2024 година, Австрија била втор најголем добавувач со 23,2 отсто од увозот, а Естонија трета со 5,6 отсто. Сепак, Дестатис посочува дека и двете земји главно се занимаваат со преработка, а не со ископување, што ја отежнува прецизната идентификација на потеклото на самата руда.

Кина, како водечки глобален снабдувач на ретки метали, веќе подолго време ги користи овие ресурси како геополитички адут, особено во контекстот на трговските тензии со САД, започнати во времето на претседателот Доналд Трамп.

Во меѓувреме, САД се обидуваат да обезбедат алтернативни извори. Според дипломатски извори, Вашингтон се стреми да потпише договор за минерали со Украина, што би му овозможило пристап до тамошните ресурси. За Киев, ваквиот договор се смета за стратешки чекор кон продлабочување на соработката со САД и зајакнување на американската поддршка во безбедносниот контекст.

Зачлени се на нашиот е-билтен