Американскиот долар ослабе во четвртокот, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, се повлече од претходните закани за смена на гувернерот на Федералните резерви и ја ублажи реториката кон Кина. Овие потези предизвикаа нови осцилации на светските девизни и стокови пазари. Истовремено, цената на златото порасна за повеќе од 1%, поттикната од зголемен интерес на инвеститорите кои го искористија падот на вредноста на благородниот метал, откако во средата достигна најниско ниво во последните седум дена.
Доларот, кој претходниот ден забележа значителни добивки, дополнително ослабе кога американскиот министер за финансии, Скот Бесент, изјави дека САД немаат јасно дефинирана цел во однос на девизниот курс на доларот. Пред состанокот со својот јапонски колега, Бесент истакна дека моменталната, де факто трговска блокада меѓу САД и Кина е неодржлива, но нагласи дека Вашингтон нема прв да ги намали царините, кои моментално надминуваат 100% на одредени кинески производи, пренесе Ројтерс.
Еврото зајакна за 0,5% во однос на доларот, достигнувајќи ниво од 1,1368 долари, откако американската валута изгуби дел од замавот на европските пазари.
„Јасно е дека ниту една друга валута не реагира толку чувствително на трговските промени како доларот“, рече Франческо Песоле, стратег за девизни пазари во холандската финансиска корпорација ING, додавајќи дека краткорочните изгледи за доларот остануваат негативни.
Песоле исто така посочи дека парот евро/долар речиси целосно зависи од движењето на доларот, и дека ново зајакнување на еврото над 1,15 долари е можно доколку повторно се отвори прашањето за независноста на Федералните резерви.
Златото повторно расте
Во исто време, цената на златото порасна за 1,1%, достигнувајќи 3.323,21 долари по унца, додека фјучерсите за злато во САД го следеа истиот тренд и достигнаа 3.330,20 долари. Ден претходно, златото падна под 3.300 долари, откако во вторникот достигна рекордни 3.500,05 долари.
„Волатилноста што ја гледаме оваа недела главно е резултат на технички фактори и медиумски наслови. Сепак, фундаментите се и понатаму силни, па инвеститорите го користат секој пад како можност за влез на пазарот“, оцени Кајл Родa, аналитичар за капитални пазари од Capital.com.
Продолжувајќи со коментарите за трговските тензии, министерот Бесент изјави дека високите царини меѓу САД и Кина се неодржливи и дека е потребно нивно намалување пред продолжување на преговорите. Но, истовремено нагласи дека претседателот Трамп нема намера еднострано да ги намалува постојните царински давачки, со што се потврдува цврстиот став на Вашингтон во овој спор.
Комбинацијата на неизвесност околу идните трговски односи меѓу САД и Кина, заедно со нејаснотиите околу монетарната политика во САД, продолжува да влијае врз нестабилноста на пазарите. Инвеститорите внимателно го следат секој потег на Белата куќа и Федералните резерви, пренесува Ројтерс.