Подготовките продолжуваат во базиликата „Света Марија Велика“ (Santa Maria Maggiore) во Рим, каде што во сабота ќе биде погребан папата Франциск. Како што расте бројот на посетители, така се зголемуваат и безбедносните мерки, јавува агенцијата „Анадолу“, пренесува Fenix Magazin.
Оваа базилика, изградена во 5. век и осветена од папата Сикст III, повеќе од 16 века стои на ридот Есквилин како тивок сведок на римската историја. Таа е една од четирите главни папски базилики во Рим, заедно со „Свети Петар“, „Свети Јован Латерански“ и „Свети Павле надвор од ѕидините“.
Во сабота, 26 април, по опелото кое ќе започне во 10 часот во базиликата „Свети Петар“, ковчегот со телото на папата Франциск ќе биде пренесен во „Санта Марија Маџоре“, каде ќе биде погребан во ниша меѓу Павлинската и Сфорцината капела, на левата страна од храмот. По негова изречна желба, на надгробниот споменик ќе стои само еден збор: „Франциск“. Ковчегот ќе биде положен директно во земја – како симбол на смирение и едноставност.
Бергољо ќе биде првиот папа во последните 120 години кој е погребан надвор од базиликата „Свети Петар“. Последен таков случај бил со папата Лав XIII, кој бил погребан во базиликата „Свети Јован Латерански“ во 1903 година.
Иако традицијата наложува погреб на папите во Ватиканските гробници, базиликата „Санта Марија Маџоре“ низ историјата веќе примила посмртни останки од седуммина папи: Хонориј III (1227), Никола IV (1292), Пиј V (1572), Сикст V (1590), Климент VIII (1605), Павле V (1621) и Климент IX (1669).
Од сабота, до нивната вечна почивка, ќе се приклучи и гробот на папата Франциск – во средина исполнета со симболика и вековна уметност, во атмосфера која го задржува оригиналниот палеохристијански дух на храмот.
Секој агол од базиликата потсетува на побожност, историја и уметност – од Павлинската и Сикстинската капела, преку апсидалните мозаици од 5. век, па сè до позлатениот плафон, украсен со првото злато донесено од Америка, дарувано од шпанските католички кралеви.
Но, најмногу од сè, базиликата претставува маријанско срце кое секојдневно привлекува верници и аџии: таму се наоѓа светата икона „Salus Populi Romani“ („Спас на римскиот народ“), една од најпочитуваните икони на Богородица во светот. Сместена е во Павлинската капела и претставува духовна референца за папата Франциск уште од почетокот на неговиот понтификат.
На 14 март 2013 година, ден по неговиот избор, Франциск приватно ја посети базиликата за да се помоли пред оваа икона. Таа гестa стана ритуал кој се повторуваше пред и по секое негово апостолско патување.
Базиликата е позната и по култот на Чудото со снегот. Легендата вели дека токму Богородица го означила местото каде што треба да се изгради капелата, преку чудесни снежни врнежи во средината на август. Сон го имал римскиот патрициј Џовани и тогашниот папа Либериј. Од тогаш, секоја година на 5 август, чудото се одбележува со „снег“ од бели ливчиња кои паѓаат од таванот на базиликата.