Западен Балкан со најлош јавен превоз во Европа – потребни се зелени решенија

Македонија, заедно со останатите земји од Западен Балкан, се наоѓа на дното на листата според квалитетот на јавниот превоз во Европа. Слабата достапност, несоодветната инфраструктура и стариот возен парк се посочуваат како главни причини не само за незадоволството на граѓаните, туку и за алармантното аерозагадување во урбаните средини.

Научни истражувања покажуваат дека само 47% од македонските граѓани се задоволни од јавниот превоз – подобро само од Албанија (29%), Црна Гора (37%) и Србија (44%). Истовремено, македонските градови често се на врвот на листите на најзагадени градови во Европа и светот.

Овие предизвици беа во фокусот на дводневната меѓународна конференција „Green Urban Transport Solutions“, што започна во Охрид. Настанот го организираат Општина Охрид, Техничкиот факултет од Битола, Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница и CIVINET Slo-Cro-SEE.

Фокусот на конференцијата е ставен на развој на одржливи урбани транспортни системи, користење на чиста енергија – како електрична енергија и водород – како и подобрување на инфраструктурата како предуслов за климатска неутралност.

„Ако постои политичка волја, може да се создаде национална платформа за воведување на еколошки автобуси“, изјави Недим Беговиќ од Транспортната заедница, додавајќи дека транспортот е еден од најголемите придонесувачи кон загадувањето на воздухот во регионот.

Ивен Шад од Германската развојна соработка потенцира дека иако транспортот е само еден од факторите за загадувањето, неговото влијание е значајно. Тој нагласи дека решенијата треба да се бараат во намалување на бројот на индивидуални возења, промовирање на велосипедизмот и е-возилата, како и подобрување на железничката поврзаност меѓу државите.

Професорот Методија Атанасовски од Техничкиот факултет во Битола истакна дека е потребна поголема соработка меѓу државните институции и академската заедница. „Она што е најпотребно е државата сериозно да размисли за подобрување на патната инфраструктура, но и да ги реши урбаните сообраќајни проблеми ако сакаме да го фатиме чекорот со Европа“, рече Атанасовски.

Сите шест земји од Западен Балкан се потписнички на Договорот за климатска неутралност и зелената агенда на Европската Унија, и според Шад, препораките за регионот се идентични со оние за земјите-членки. „Работиме на исти цели – климатска неутралност и модерни, зелени транспортни решенија“, нагласи тој.

Конференцијата во Охрид има за цел да изнедри конкретни чекори за надминување на проблемите во транспортниот сектор, а со тоа и придонес кон подобрување на квалитетот на воздухот и животот во градовите од регионот.

Зачлени се на нашиот е-билтен