На 27 април 2017 година, неколку стотини демонстранти од здружението „За заедничка Македонија“, го нападнаа Македонското собрание за да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието. По насилството што се случи таа ноќ во Собранието, 27 април го доби името „Крвавиот четврток“.
Додека течеше седницата за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, пред законодавниот дом се одржуваа протести на ова здружение.

По завршувањето на собраниската седница, во 18 часот со која претседаваше спикерот од претходниот парламентарен состав, Трајко Велјаноски, пратениците од новоформираното парламентарно мнозинство останаа во пленарната сала за да го изберат новиот собраниски претседател. Пратеникот Ферид Мухиќ, како најстар од присутните, претседаваше со седницата на која за свој заменик го именуваше пратеникот Горан Мисовски. Мисовски продолжи да ја води седницата и кратко по тоа Талат Џафери беше изгласан за нов претседател на Собранието на Република Македонија. За сето ова време и во моментот кога Џафери ја даваше свечената заклетва, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ извикуваа дека ова е пуч.

Околу 19 часот, околу 300 лица кои учествуваа на протестите, го нападнаа Собранието. Дел од нив беа маскирани. Нив ги пропушти собраниското обезбедување, по што тие влегоа во салата за новинари каде во моментот течеше прес-конференцијата на новоизбраниот претседател на Собранието, Џафери. Насилниците физички ги нападнаа пратениците и новинарите. Во моментот на влегување на напаѓачите, во Собранието воопшто немаше полиција.

Дел од напаѓачите на Собранието се поздравија со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а неколкумина од нив ѝ бакнаа рака на пратеничката Елизабета Канческа Милевска. Според безбедносните камери, вратите на Собранието ги отворија пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, а пратеникот Јохан Тарчуловски и личното обезбедување на Вељаноски ги упатија насилниците во салата во која се наоѓаа пратениците од СДСМ.
Со тешки телесни повреди се здобија Зијадин Села и Зоран Заев. Пратеникот Села по бруталниот напад падна во бесознание, а снимките од камерите во Собранието, кои први ги објави ЦИВИЛ Медиа, сведочеа за тоа како насилниците го влечеа по подот и го шутираа, во очигледна намера да го убијат. Села заврши во болница со скршеници и нагмечување на мозокот и во сериозна животна опасност. Зоран Заев, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Дамјан Манчевски, Максим Димитриевски и Радмила Шекеринска беа со видливи телесни повреди и крв по лицата.
Полицијата реагираше дури три часа по упадот во Собранието, а тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу подоцна изјави дека директорот на БЈБ Митко Чавков намерно ја попречувал полициската интервенција, како и дека за време на нападот, Чавков два часа не бил достапен на телефон.
Пратениците беа евакуирани од Собранието околу полноќ, а полицијата со шок бомби ги растера демонстрантите и напаѓачите.
Ноќта, 70 граѓани, 22 полицајци и тројца пратеници побарале лекарска помош во болниците во Скопје.
Тогашниот претседател Иванов во своето обраќање доцна ноќта ги повика претседателите на сите парламентарни партии на средба во неговиот кабинет, но не го осуди нападот. Заев и Ахмети ја одбија поканата посочувајќи го Иванов како една од причините за кризата.
Амнезија и амнестија
Според кампањата за изборите 2024, но и според наративот што го форсираше ВМРО-ДПМНЕ во последните 4 години, овие избори ќе бидат запаметени по дезинформациите и по тоа што слугите и господари на заробената држава се ставија во програма за ревизија на бесчестието и злоделата на темничарите на заробената држава.
Проценија дека е дојдено време да ја отпочнат кампањата во која, распоредени формациски за настапи по медиуми, започнаа да ги именуваат како жртви наасилниците од 27 април кои извршија организиран државен удар.
Во оваа анализа ќе се осврнеме на дел од лагите за ревизорите прислужници на заробената држава.
Пред тоа едно кусо потстетување на она што претходеше на оценката дека Република Северна Македонија е заробена држава.
По серијата негативни извештаи за демократијата во земјата и за реформските процеси на Европската комисија коишто започнаа од 2010 година, во извештајот за 2016 година за прв пат во еден официјален документ на една угледна меѓународна институција беше запишано – Република Македонија е „заробена држава“.
Освен целосната партизација на институциите на системот, во извештајот беа нотирани пад на слободата на медиумите за деведесет места надолу на Индексот на Репортери без граници и неопходноста од расчистување на аферата со масовното прислушкување на повеќе од 20.000 граѓани на Македонија, меѓу кои во најголем број беа лидерите на тогашната опозиција – Социјалдемократскиот сојуз, новинарите, и парадоксално, врвот на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Граѓанските организации беа посебна мета на удар.
Во октомври 2016 година, непосредно пред тогашните предвремени избори, според моделот за хајка на граѓанските организации на Путин, започнаа посетите на инспекторите на УЈП за да вршат контрола на финансиското работење на нво-ата 5 години наназад. Беше тажно да се гледаат ликовите на тие луѓе кои со наведнати глави се срамеа што мора да ги спроведуваат партиските наредби „по секоја цена да се најде“ да се покрене обвинение за „соросписките“ невладини.
Стотина граѓански активисти беа ставени на листата за „отстрел“, а на новинарите им носеа погребни венци пред нивнитре домови или ги известуваа дека им се подготвени гробовите – само уште надгробната плоча да ја постават.
Денес, актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, истите тие занданџии на заробената држава се осмелуваат да ги избришат од меморијата сите траги на бесчестието, да ги минимизираат последиците од тие десеттина години затворено општество и да ги амнестираат господарите на мракот и нивните извршители на обидот за државен удар на 27 април 2017 година.