Глобалните воени трошоци достигнаа 2,72 трилиони долари во 2024 година, што е зголемување од 9,4 отсто во споредба со 2023 година и најголем скок од крајот на Студената војна, се посочува во денеска објавениот извештај на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).
Порастот на геополитичките тензии довел до зголемување на трошоците за одбрана во сите региони. Најголем раст е забележан во Европа и Блискиот Исток.
„Повеќе од 100 земји ги зголемија своите воени буџети во 2024 година“, соопшти СИПРИ. Институтот предупредува дека фокусот на воената безбедност на сметка на други буџетски области може да има сериозни последици за општествата во иднина.
Војната во Украина и сомнежите за американската посветеност кон НАТО ги зголемија европските воени трошоци за 17 отсто, надминувајќи ги нивоата од крајот на Студената војна.
Русија потрошила 149 милијарди долари за одбрана, што е 38 отсто повеќе отколку во 2023 година и двојно повеќе отколку во 2015 година, што претставува 7,1 отсто од БДП и 19 отсто од вкупните државни трошоци.
Украина ги зголемила воените трошоци за 2,9 отсто, на 64,7 милијарди долари, што е 43 отсто од руските трошоци и 34 отсто од својот БДП – најголем удел во светот.
СИПРИ предупредува дека Украина моментално ги троши сите приходи собрани од даноците за потребите на војската, што значително го ограничува нејзиниот финансиски капацитет за понатамошно зголемување на воените трошоци.
Воените трошоци на САД се зголемиле за 5,7 отсто на 997 милијарди долари, што е 66 отсто од сите трошоци на земјите-членки на НАТО и 37 отсто од глобалните воени трошоци.