Цената на загадувањето: Кој ја плаќа, а кој профитира?

Секогаш кога воздухот мириса на чад, кога реките носат отпад, кога депониите се шират наместо да се намалуваат, прашањето не е само „колку е загадено“, туку и „кој профитира од тоа, а кој ја плаќа цената“?


Во Северна Македонија, еколошката криза не е несреќен сплет на околности, туку предвидлива последица на модел на економски раст кој упорно ги занемарува принципите на одржливост. Индустриски капацитети оперираат надвор од строгите стандарди, додека регулаторните механизми остануваат немоќни пред интересите на големите економски субјекти.

Цената за ова системско потфрлање ја плаќаат најранливите: оние кои живеат крај индустриски постројки, во близина на депонии или на периферијата на урбаните средини, далеку од очите на јавноста и влијанието на политичките центри.

На глобалната сцена, концептот на ESG (Environmental, Social, Governance) станува императив. ESG претставува современ стандард за мерење на одговорноста на компаниите кон животната средина, општеството и етичкото управување. Не е повеќе доволно да се генерира профит, се бара интегритет, транспарентност и активна грижа за заедницата и природата.

Иако во македонскиот контекст нема законска обврзаност за имплементација на ESG начелата, стремењето кон европска интеграција бара од нас да ги усвоиме овие принципи. Без оглед на тоа што тие не се обврзувачки, за да се движиме напред кон членство во Европската Унија, мора да започнеме со практикување на ESG начелата паралелно со нашето политичко и економско изразување на желбата за влез во ЕУ. Во спротивно, секој обид за зелена транзиција ќе остане само декларација, без конкретни промени, ако не ги прифатиме обврските што доаѓаат со предностите на членството.

Заштитата на животната средина не е луксуз за идните генерации, таа е императив за преживување денес. Потребна ни е радикална промена на парадигмата: економија што не паразитира врз природата, туку ја обновува. Само така ќе изградиме општество што знае дека здравјето на земјата е здравје на народот.

Асиб Зекир, извршен директор на РЕДИ – Северна Македонија

Зачлени се на нашиот е-билтен