Северна Македонија треба да работи на обезбедување здрава животна средина и на заштита на човековите права за сите граѓани и да ги интензивира инклузивноста и еднаквоста на Ромите, особено преку усвојувањето на серијата национални стратегии и тематски акциски планови.
Ова се наведува во соопштението на Кабинетот на комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти во врска со неговата минатонеделна посета на земјава, која била фокусирана на положбата на Ромите и на импликациите на сериозните еколошки предизвици врз човековите права.
– Комесарот ги признава значајните достигнувања, кои вклучуваат признавање на Ромите во Уставот, напредок во искоренувањето на случаите на лица без државјанство и подобрување на пристапот на децата Роми до образованието, се наведува во соопштението.
О’Флаерти, како што се посочува во соопштението, ја признава важната улога на динамичното ромско граѓанско општество во земјата и фактот дека Ромите, вклучувајќи и влијателни Ромки, се вклучени во државните институции и учествуваат во обликувањето на релевантните политики.
– Ги охрабрувам властите да продолжат да се залагаат за правична застапеност на Ромите во јавната администрација во согласност со законот и да продолжат да обрнуваат посебно внимание на јакнење на жените и девојките Ромки во сите области од животот, порача О’Флаерти.
Сепак, и покрај преземените позитивни чекори, комесарот за човекови права на Советот на Европа забележува дека Ромите и натаму остануваат најмаргинализираната група во општеството и продолжуваат да се соочуваат со дискриминација во многу области од животот. Тој посочува дека Ромите во некои делови од земјата живеат во супстандардни услови во населби за кои не се донесени урбанистички планови и се соочуваат со тешкотии во легализација на своите домови.

– Ја повикувам Владата да обезбеди поефикасна координација меѓу министерствата и локалните самоуправи за ефикасно спроведување на стратегиите низ целата земја, оценува О’Флаерти, апелирајќи да се обезбеди точно следење на состојбите и да се овозможи вистински напредок во животот на Ромите.
Комесарот на Советот на Европа апелира на подигање на свеста и почитување на идентитетот и културното наследство на Ромите и на ефикасна борба против нивната дискриминација, кој, како што оценува, и натаму е широко распространета во општеството. Тој оценува дека и покрај преземени мерките од страна на власти, и натаму има случаи на „етничко профилирање“ од страна на полицијата, полициското насилство и малтретирање на Ромите во затворите, апелирајќи на зајакнување на механизмите за одговорност, нетолеранција кон насилството и обука на службените лица против дискриминација.
О’Флаерти посочува дека и потребен мултидимензионален пристап за обезбедување одржливо решение на проблемот со ромските деца бездомници, заштита на нивните човекови права и обезбедување пристап до дневните центри за згрижување и образовни можности.
Тој повикува на продолжување на напорите за справување со случаите на „сегрегација на децата Роми во училиштата“. – Инклузивното образование е клучно за градење социјална кохезија и раздвојувањето на децата во училиштата секогаш треба да се избегнува, порачува комесарот.
О’Флаерти потврдува дека Северна Македонија е дел од сите главни меѓународни инструменти за животната средина, дека работи на усогласување со европските стандарди во оваа област и е лидер во признавањето на правото на здрава животна средина во Уставот и екоцидот во нејзиниот кривичен законик.
Сепак, според него, постои сериозна загриженост за деградација на животната средина и гарантирање на правата на луѓето на живот, здравје, домување, вода и санитарни услови.
– Загадувањето на воздухот е голем проблем, заедно со загриженоста околу ефикасното собирање отпад, ракувањето со токсични депонии и загадувањето на водата. Поефикасното спроведување на меѓународните обврски и домашните закони е од суштинско значење за заштитата на човековите права. Со загриженост забележувам дека пристапот до правда за прашања за животната средина останува ограничен и ги повикувам властите да ги отстранат практичните и правните пречки што ги спречуваат поединците и заедниците ефикасно да ги бранат своите права пред судовите, наведува О’Флаерти.

Тој повикува на усвојувањето на „долгоочекуваниот Закон за климата“, кој би обезбедил правна основа за климатската акција на земјата во рамките на меѓународните обврски, како што е Рамковната конвенција на ООН за климатски промени.
– Комесарот О’Флаерти се осврна на дополнителни прашања од општо значење за почитувањето на човековите права. Организациите на граѓанското општество посочија на сериозното влијание на намалувањата на американското финансирање врз нивното функционирање, што влијае на многу организации, особено на оние што работат во областа на одбраната на човековите права на ЛГБТИ лицата, слободата на медиумите и борбата против корупцијата. Тој ги повикува властите и донаторите да овозможат овие организации да можат да ја продолжат својата витална работа, се наведува во соопштението.
О’Флаерти, исто така, ги повикува властите да усвојат закон за народниот правобранител и да ја зајакнат оваа институција, за да може да аплицира за статус А како Национална институција за човекови права, според Париските принципи на ОН.
– Тој ги охрабрува властите да го почитуваат добриот углед на земјата и да ги имплементираат сите пресуди на Европскиот суд за човекови права, вклучително и во случајот X. против Северна Македонија за законско признавање на родот, се додава во соопштението.
Во него се посочува и дека О’Флаерти за време на престојот во земјава се сретнал со вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, со министрите за надворешни работи, за правда и за образование Тимчо Муцунски, Игор Филков и Весна Јаневска, со заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, со директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, со народниот правобранител Насер Зибери, како и со членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
О’Флаерти се сретнал и со претставници на ОН, на Делегацијата на ЕУ и на граѓанските организации, а ја посетил и Општината Шуто Оризари, каде имал средба со градоначалникот, Курто Дудуш.