Малтешката шема за т.н. „златен пасош“, која овозможува странци да добијат државјанство преку инвестиции, е во спротивност со правото на Европската унија, пресуди Европскиот суд на правдата.
Европската комисија ја тужеше Малта во 2022 година поради оваа програма, која овозможува странски државјани да станат државјани на Малта – и со тоа и на ЕУ – ако вложат најмалку 600.000 евра, купат или изнајмат недвижен имот со одредена вредност и донираат најмалку 10.000 евра во добротворни цели.
Судот оцени дека „доделувањето државјанство не може да се сведува на обична комерцијална трансакција“.
Владата на Малта сè уште не се огласила по повод пресудата, а поранешниот премиер Џозеф Мускат ја нарече одлуката „политичка“. Тој изјави дека очекува програмата да продолжи со работа, иако „со одредени предизвици“.
Малта ризикува високи парични казни доколку не ја почитува пресудата.
Судот истакна дека „стекнувањето државјанство на ЕУ не смее да биде резултат на комерцијални договори“. Иако секоја земја-членка има право да одлучува кој ќе биде нејзин државјанин, судот нагласи дека ваквите програми го поткопуваат меѓусебното доверба помеѓу членките на Унијата.
Европската унија и претходно ги повика земјите да престанат со практиката на доделување државјанство на инвеститори, укажувајќи на потенцијални безбедносни ризици, можности за перење пари, избегнување даноци и корупција.
Во 2022 година, Малта ги исклучи руските и белоруските државјани од оваа програма, откако Русија ја започна инвазијата врз Украина, а ЕУ воведе санкции против лица блиски до Кремљ.
Оваа пресуда се коси со претходен извештај од октомври минатата година, во кој тогашниот висок правен претставник Антони Колинс тврдеше дека Комисијата не докажала дека европското право бара постоење на „вистинска поврзаност“ меѓу лицето и државата која му доделува државјанство.