Социјалдемократите со обвинувања по најавите на премиерот Христијан Мицкоски, дека создава успешна економија, бидејќи тие не соодветставуваат со сигналите на реалните економски текови, затоа што Светска банка посочува оти не се во корист на Македонија. Пратеникот од СДСМ, Фатир Битиќи, на денешната прес конференција рече дека, надолната ревизија продолжува и за 2026 година, со очекуван раст на БДП од 2,7%, наместо претходно проектираните 3,2% и дека станува збор за сигнал кој произлегува од реалните економски текови, а не од желби и политички маркетинг.
„Светската банка не се занимава со реторика, туку со економска логика според која и во 2027 година се очекува раст од 2,8% – и тоа треба да го земеме сериозно“, рече Битиќи.
Битиќи посочи дека на ниво на регионалната перспектива, Македонија има најниска проекција за раст во регионот на Западен Балкан за 2025 година и под регионалниот просек од 3,2%.
„Истовремено Светска Банка забележува дека земјата се соочува со проширен фискален дефицит, слабеење на трговската позиција, номинално забавување на инфлацијата, но притоа идентификувајќи домашни ценовни притисоци кои сигнализираат дополнителни ризици за стабилноста на куповната моќ. Сето ова упатува дека просторот кој Светска Банка го детектира за брзо економско закрепнување е многу потесен отколку што се претставува во јавноста од страна на Владата“, посочи Битиќи.

Тој смета дека со ваквата надолна ревизија на проекциите, Светската банка укажува дека македонската економија во моментов не покажува динамика која би можела да поддржи стапка на раст над 3%.
„Во таков контекст, проекциите за 3,7% или дури 4% што ги слушаме од одредени владини претставници, се повеќе личат на претпоставки, отколку на факти произлезени од економска анализа. Истовремено, имаме нарушувања во ликвидноста кај компаниите – поради доцнење на повратот на ДДВ и на исплатата на договорните обврски од страна на државата – што дополнително ја згаснуваат економската активност. Времето за кое фирмите чекаат наплата од државата достигнува од 6 до 9 месеци, што е системски ризик кој ја намалува стопанската активност“, информираше Битиќи.
Според Битиќи, реализацијата на капиталните расходи на централно ниво изнесува само 13,55% до крајот на април, а кај општините просекот е околу 3%, со екстремни случаи и под 1%. Тој смета дека под вакви услови, очекувањата за раст од над 3% на БДП се економски неосновани. ‘Ниту една економија не може да генерира раст без продуктивни инвестиции – било да се јавни или приватни’.
„Затоа, не станува збор за тоа дали бројките на Светската банка се точни. Станува збор за тоа дали сме подготвени да се соочиме со фактите. А фактите велат: тековната економска политика на Владата не создава простор за здрав и одржлив раст на БДП над 3%. А од друга страна имаме владин модел во кој очекувањата се повисоки од капацитетите. Но, дури и проектираниот раст од 2,6% нема да го почувствуваат граѓаните. Инфлацијата и понатаму ја нагризува куповната моќ – индексот на трошоци на живот во првите три месеци од годинава се движи од 2,7% до 5,0%, додека цените на мало растат со слична динамика од 2,2% до 5,2%, што значи дека основните производи стануваат сè помалку достапни“, рече Битиќи.
Тој потенцираше дека Македонија останува земја со најниски плати во регионот, а истовремено со едни од највисоките цени. Додека пак владините мерки за ограничување на маржите, онлајн објавување на цените од страна на маркетите, како и симболичните обиди со „новогодишната кошничка“ останаа без резултати. Празничната трпеза за Први Мај ќе биде поскапа и поскромна за работниците.
„Ако нешто е опасно за економијата, тоа не е надолната корекција проекција на Светска банка, туку високата самодоверба во сопствените илузии. Време е да се напушти комуникацијата на желби и да се премине кон политика на резултати. Економијата не простува игнорирање на реалноста, таа секогаш ги наградува оние што дејствуваат врз основа на факти, а не на желби“ рече Битиќи.

Од друга страна премиерот Мицкоски, не така одамна зборуваше дека Македонија е меѓу првите пет брзорастечки економии во Европа.
„Имавме два супер успешни квартали, тоа беше четвриот и третиот квартал од минатата година. За прв пат забележавме раст, после долго време, од 3% и сме во првите пет најбрзорастечки економии во Европа. Очекувам тој тренд да продолжи и во овој прв квартал од оваа година. Самите вие кажавте дека продолжува да расте просечната плата и покрај тоа што многумина политички глодари од позиција на опозиција ја напаѓаа Владата дека била против растот на платите. Еве гледате дека растат“, рече премиерот Мицкоски, пред околу еден месец.
Тој информираше дека сега од 1 април ќе пораснат и пензиите, нови две и пол илјади денари линеарно зголемување за пензионерите и додаде:
„Тоа што го ветивме првата година ќе го реализираме за девет месеци. И во суштина за овие девет месеци, направивме многу убави работи што дел ги ветивме, дел ги реализиравме, а не ги ветивме. Така што, во делот на економското консолидирање на државата, мојата порака до граѓаните е да бидат спокојни, убави времиња доаѓаат за Македонија и за македонската економија“, рече тогаш Мицкоски.

А денеска пак, поради економски причини Сојузот на синдидкатите на Македонија (ССМ), порача дека на 1 Мај излегува на протест за да бараат зголемување на минималната плата на 500 евра, но и зголемување на сите останати плати за 100 евра, да бара почитување на колективните договори и зголемување на сите плати на работниците.
„На 1 Мај ќе протестираме за повисоки плати“, рече на денешната прес-конференција претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, најавувајќи го утрешниот протестот што ќе се одржи во 11 часот, со маршрута на движење од Работничкиот дом, преку Собранието и Стопанската комора до Владата.
„Нашите барања не се од денеска, не започнаа вчера и нема да завршат утре. Протестот е начин на 1 Мај да изразиме незадоволство од висината на платите што ги примаат работниците во Македонија, кои се најниски во регионот и пошироко“, рече Трендафилов.