Влатко Стефановски, живата легенда на македонската музика, оваа година одбележува 50 години музичко творештво.
Тоа е само еден повод зашто за интервју со Влатко Стефановски има многу причини.
Во разговорот за Рацин.мк говори за тоа што се’ е потребно за да се спакуваат 50 години творештво во еден концерт. Се осврнува на неговите почетоци, на почетокот со „Леб и сол“, а потоа низ декадите што следуваа и за неговата соло кариера и најновата, актуелна фаза со „Влатко Стефановски трио“.
Ова беше добра прилика да слушнеме за неговите средби и соработка со најголемите светски рокенрол и музички артисти и за неговите многубројни проекти.
Со Влатко Стефановски разговараше Зоран Бојаровски
Рацин.мк: Влатко Стефановски, добар ден. Благодарам многу за можноста да разговараме со вас.
Влатко Стефановски: Благодарам на поканата.
Честитки за јубилејот што предстои.
Фала.
Одбележуваш педесет години на музичката сцена. Сериозна бројка. Сите тоа едноставно го сфаќаат како така. Јасно е тоа. Што треба сè да направи Влатко Стефановски, за да ги собере овие педесет години во еден концерт? За да ја претстави својата, својата дејност низ овие пет децении?
Јас не се архивирам самиот себеси, не се враќам прецизно на сето она што сум го работел. Јас се враќам на некои значајни точки и некои значајни нумери што ги свирам постојано, и не се занимавам толку педантна анализа на тоа што сум го правел.
Јас имам толку многу необјавени материјали, имам толку многу снимки на разноразни формати. Имам толку многу архива, голема, со печатени материјали, со писма, со сѐ и сешто и… Од време на време имам страшна потреба да расчистам некако, ама од друга страна жал ми е да фрлам некои работи кои можеби на некому, еден ден, можда, ќе им значат на моите деца, на моите внуци. Веројатно нешто ќе им значи тоа. Ама, од друга страна, толку е апсурдно тоа собирање, правење архива и собирање на разноразни материјали. Тоа е апсурдно. Затоа што ние луѓето сме смртни и архивирањето е, всушност, докажување дека си жив. Тоа е доказ дека сум бил жив во седумдесет и шестта, седумдесет и деветта, осумдесет и прва, деведесет и прва, 2003, 2005.
Тоа е сè некаква потреба за… да се чепне вечноста некако, што знам…
Спомна неколку работи, клучни зборови, што инаку сакам во текот на овој разговор да ги поставам како прашање. Јас најавив дека сакам да ја „спакуваме“ твојата кариера, педесет години творештво во овие триесет минути интервју, што е речиси невозможна работа…
Невозможно е, невозможно….
Но, сепак, еве да почнеме. Произлегуваш од семејство кое има длабоки корени во нешто што значи духовност, во нешто што значи култура, театар, музика итн. Што беше тригерот што тебе те натера да избереш музиката како средство за израз?
Не можам да знам. Дете или човек или млад човек или тинејџер, кога е млад, прави несвесни одлуки. Не можам до крај да знам нити зашто впишав англиски јазик да студирам, нити зошто фатив да свирам гитара.
Некако те води некоја сила која, за која не си многу свесен. Енергија, некои хормони, некој тестостерон, некој адреналин, нешто те тера да се фатиш за нешто.
А од друга страна, мислам дека фаќањето за гитара или фаќањето за музика е спас од ефемерност, од секојдневие, од досада, од монотонија.
Кога ќе почнеш да влегуваш во светот на музиката, стануваш, јавен фантазер, некако. Имаш право да фантазираш. Ако фантазираш многу на клупа во парк, ќе ти речат: „Абе, ти се занесуваш.” А ако земеш гитара можеби тоа звучи малку понормално и покорисно. Можеш некоја песна да напишеш, ако се фатиш за гитара. А ако фантазираш на клупа, можеш или да медитираш или да паднеш во депресија. Мислам, во зависност од тоа за што фантазираш.
Со гитарата и со нејзиниот звук ја спасувам душата

Јас сум отприлика твој врсник и ако тргнам од мојата позиција, можам да кажам дека се совпаѓаа некако интересите во однос на музиката, во однос на некаква културна потреба која треба да ја задоволиме.
Јас учев во гимназијата „Георги Димитров”, каде што учеше и ти. И се сеќавам на првите ваши настапи на таа сцена во салата за приредби на „Георги Димитров” и тогаш, во Скопје, постоеше некаква музичка сцена. Еве да ги спомнам само „Тор“ групата „Пу“. Ако Тор беше нешто што беше накој тврд рок ен рол, хард рок, со Аки Рахимовски и неговиот препознатлив и глас и настап на сцената, „Пу“ некаква попопуларна, мејнстрим поп музика… И тогаш се појавивте вие и ние наеднаш почнавме да зборуваме за џез рок, за некакви други правци. Мислам дека тоа беше и тоа е нешто што во твојата кариера што те движеше напред, постојано да истражуваш, постојано да бараш нешто друго во нешто што е веќе стандардизирано. Дали се согласуваш со тоа?
Се согласувам, да. Скопје беше многу интересна средина во седумдесетите години. Многу интересна во културна смисла. Во Скопје се слушаше поинаква музика отколку во остатокот од Југославија.
Сега се наоѓаме во Тафталиџе. Тафталиџе е фанк ориентирано, како да кажам, како култура. На времето, не зборувам за сега. Живеевме во бараки. Барака многу подобро звучи отколку стан.
Кога ќе пуштиш музика во барака, акустиката е многу подобра отколку ако живееш во стан. Бетонските зидови звонат непријатно, каков и да имаш хај-фај уред, нема да ти звучи така добро во стан колку што звучи во барака.
И ние во нашите бараки се такмичевме кој ќе има подобар аудио систем и кој ќе има подобра колекција на плочи. Ги знам точно ликовите.Од тука ако тргнам до „Ѓорѓи Димитров“ и околу, ги знам ликовите и ден-денеска се живи и здрави, и ден-денеска се фанатици во слушање музика.
Скопје слушаше фјужн. Скопје ги слушаше Махавишну оркестра, Чик Кореа, Алан Холсворт. Скопје слушаше поинаква музика од остатокот на Југославија. И токму тоа… Јас размислувам за тие работи, зошто ние, како тој „Леб и сол“ така прозвуче?
Тоа е плод на некоја музика која се слушала тука во околината, во воздухот била. Јас знам тие бендови што ги спомнав, „Тор“, „Пу“, ние се среќавме пред Ванила. И тука се разменуваа мислења, се разменуваа плочи, кој што слуша.
Имаше дури и дебати кој е подобар гитарист, која, кој е подобар басист, која плоча е подобра од која, кој бенд е подобар, дали се Deep Purple или Led Zeppelin. Мислам стално имаше некакви дискусии.
Иако не беше планирано да те прашам, но сепак ова е интересно како, како теза. Ако Скопје беше некоја средина во која афинитетите и вкусовите за музиката беа такви, ми се чини дека во другите делови на тогашна Југославија, бидејќи, нели, бевме еден заеднички простор, некако си имаа свои афинитети во сите поголеми центри.
Белград е познат по новиот бран, Словенија Љубљана, од таму произлегува потврдиот панк…
Лајбах.
Да, Лајбах секако, но и потврдите панк состави како „Панкрти“ и „Лачни Франц“...
И пред „Лајбах имаше, ние настапувавме заедно по фестивали со некои алтернативни групи како „Бегнаград“, како “Септембар“, иако они беа повеќе рокенрол. Од Сараево дојдоа најголемите бендови, „Бело дугме“, „Индекси“, огромни бендови… Сараево беше поп рок ориентирано повеќе.
Скопје фјужн, Скопје фјужн. Ние слушавме многу покомплицирана музика. Френк Запа и така натаму.

Петте децении творештво во музиката практично значи дека ти функционираше, се напојуваше со духот на музиката на тие децении, од оние од седумдесеттите, осумдесеттите...
Знаеш како јас почнав да патувам релативно млад. Почнав многу да патувам и јас тоа што сум го собрал како некакво искуство и како плочи, книги, средби, концерти, соработки, мислам, тоа, тоа е моето богатство.
Јас сум ги сретнал скоро сите свои херои, гитарски, сум ги запознал лично. Кај мене дома бил Џон Меклафлин. Мислам, јас се крстев во Махавишну и во Шакти, и во таа музика. Доживеав Џон Меклафлин да дојде кај мене во студио.
Јас бев најголем фан на Алан Холсворт. Доживеав да го запознам и да одам кај него во Сан Диего, во Америка. Јан Акерман, човекот кој, од кого учев, сум го успорувал плочите негови за да ги симнам некоја фраза. Јан Акерман ми беше седум дена гостин, снимивме албум, блуз албум, „Thunder From The Blue Sky“. Сакам да ти кажам, мојата упорност, да не речам фанатичност, и огромна страст и љубов кон музика ме одведе на разни страни на светот, од кај што собрав искуство.
Јас сум свирел во, мене во публика ми бил, во Лос Анџелес, во „Ел Реј“ театарот, во прв ред беше Енди Самерс, гитаристот на „Полис“, кој со огромна почит го гледаше концертот, мене и Мирослав Тадиќ.
Мојата теза е, ако не е добро за цел свет, не е добро ни за дома. Тоа е мојата теза. Ако се бавиш со уметност или со, или со творештво, било кое, ако не е добро, подалеку од Табановце, не е добро ни за тука.
Ние мора да тежиме кон високи дострели. Вчера ја завршив книгата на Квинси Џонс. Квинси Џонс има напишано дванаесет ноти, дванаесет ноти совети за живот и креативност.
Фантастична книга. Така. Он вика да не, да не целев многу високо, немаше да го постигнам и тоа што го постигнав. Се разбира, неговите дострели се… Нема понатаму. Неговите дострели се огромни.
Ова се фантастични пораки за, за генерациите што те следат, за оние што доаѓаат и така натаму. „Ако не целиш високо…“ Но, сакам да те прашам, дали момчето од Тафталиџе сонуваше дека еден ден гостин ќе му биде Меклафлин?
Момчето од Тафталиџе доживеа некои работи, кои уште ми се чуденка. Првата чуденка, голема, што ја доживеав, знак на чудење и прашање, кога свирев во Лондон во 2013-та со Лондонскиот симфониски оркестар.
Јас седев во гардероба пред концерт и викам, дали ова е можно? Да. Јас почнав на клупата тука во Тафталиџе со акустична гитара, и по дворови се моткавме, свиревме, свиревме во разни, правевме бендови наивни, немавме инструменти.
Си викам, дали е можно ова момче од Тафталиџе…, се гледав од страна себе си, да стигне до тука. Без формално музичко образование. Втората чуденка ми се деси неодамна во Еби Роуд студиото во Лондон. Два дена имав термин во Еби Роуд. Викав ова е не е можно. Нити, нити самиот верувам, нити па син ми верува дека сме таму. Во храмот на Битлси и во храмот на популарната музика во изминативе седумдесет години.
И така, од време на време, и самиот се чудам за некои работи кои ми се оствариле. Некои соништа кои станале реалност.
Заразив многу луѓе надвор од Македонија да го истражуваат нашиот фолклор

Мислам дека тоа не е доволно за да го објасниш како го постигна тој успех. Но, ќе се обидам и јас да го протолкувам тоа. Еве те познавам од нашата средина. Не сме имале можност многу често да, да бидеме заедно, да, да разговараме. Но, сепак имам една претстава за тебе. Влатко Стефановски од Тафталиџе, скромното момче или човек што е сега пред нас, на прв поглед, е нешто друго кога ќе ја земе гитарата и кога ќе застане на сцената. Дали е точно тоа?
Се надевам дека е точно, затоа што постојат две состојби на умот и на духот, Алфа и Бета. Ај сега ако, нека ме исправат психијатрите или овие неуропсихијатрите ако грешам.
Ами, имаме алфа состојба на, на секојдневна комуникација, секојдневно поимање на нашата стварност. И имаме состојби на, на длабока медитација, имаме состојби на, на длабока занесеност, или висока занесеност. Кога почнува нешто друго да работи.
На тоа друго треба да му дадеш слобода. Тоа е фантазијата, тоа е, а, тоа е чепкање по несвесното. Е сега јас знам, Џими Хендрикс бил многу срамежлив, во секојдневниот живот.
Ама кога ќе застанел на сцена се претворел во монструм. Оган. Се претворал во природна сила. Викаат постојат гитаристи, и постои Џими Хендрикс, кој е force of nature, природна сила.
Така што, дај боже да е така. Јас не сакам многу да анализирам состојбата во која се наоѓам додека свирам. Јас си давам одушка на сите мои фантазии, на сите мои грижи и стравови. На некој начин со гитарата или со тој звук, се обидувам да ја спасам душата на некој начин. А макар, макар да или да им давам одушка и на демоните и на ангелите. Мораш да ги храниш и едните и другите.
Го спомна студиото Еби Роуд и јас сега ќе го спомнам и последниот албум, Лондон Сешн (London Session). Дали тој албум е всушност немој да ме сфатиш погрешно, твој тестамент? Тестамент за иднината, за генерациите што доаѓаат, оставен на винил. Бидејќи таму гледаме еден преглед на твоето творештво од сите овие пет децении.
Токму тоа беше идејата. Се надевам дека не е тестамент, се надевам дека ми претстојат уште предизвици и музички и уметнички. Лондон сешн е прошетка низ она што сум го работел во изминатите педесет години. Тоа беше идејата и на Кроација Рекордс да отсвириме работи, да ги отсвириме во еден друг контекст.
Знаеш што? За тие на кои им значи првпат на македонски јазик е нешто отпеано во тоа студио. Во тоа студио снимила кралицата Елизабета, меѓу другото. Јас така и ги најавував: За првпат во Еби Роуд студиос на македонски ќе ја отпеам „Кандилце”. И малку, малку така цинично ги најавував. Викав „е сега за првпат во Еби Роуд студиос Јовано Јованке ќе ја свириме“. За мене тоа значи многу. Затоа што и се чувствам како да сум освоил некој врв.
Не мора да е Монт Еверест, но барем Кораб. Знаеш, тоа се некои мали, мали гестови или ситуации, кои со тек на време само добиваат на значење. Сигурен сум во тоа.
„Тестамент“… ОК, нека биде така. Прошетка низ мојот опус. Пикник низ мојот опус сред Лондон.
Им давам одушка и на демоните и на ангелите.
Мораш да ги храниш и едните и другите.
Во „Лондон сешн“ има навистина ремекл дела. На пример „Бистра вода“ е класика за мене тоа е нешто што е неповторливо, нешто што е онака исклесано во камен. Нешто совршено. Имајки ги предвид и сите останати нумери што се таму одсвирени во еден, со еден нов пристап, со еден нов поглед на тоа што било некогаш направено. Една од работите која те инспирирала или те мотивирала е народното творештво. Голем број од песните произлегуваат од некакви стандарди од народното творештво. Но, не е доволно да се каже само тоа. Мислам дека ти на тие стандарди, на тоа наше културно наследство, му даваше една друга димензија, еден друг полет кој потоа се слуша и се прифаќа.
Се надевам дека е така. Знаеш што? Јас сум сигурен дека таа песна била популарна и без мене. Збориме за „Јовано, Јованке“. Таа песна била позната и без мене. Ама сум сигурен дека свирејќи ја педесет години, дека сум ја направил многу, многу попопуларна и дека свирејќи го тој македонски фолклор сум заразил многу луѓе надвор од Македонија да го истражуваат.
Кој ќе го научи Словенечкиот воен оркестар да свири седум осмини, единнаесет осмини и девет осмини, за да го свири „Калајџиск оро“, да ја свири „Учи ме мајко,карај ме“. Кој друг ќе ги научи тоа? Мислам мене ми паднала таа благородна или сум си ја дал таа благородна мисија, да ги научам луѓето нешто што тие можеби не го знаат.
Сирењето, блуз и свирење рок ен рол, Океj, тоа не е наша култура. Меѓутоа, штом една култура стане толку интернационална, тогаш станува и наша.
Мене бендови од Сан Франциско ми барале дозвола да ја обработат мојата „Џипси сонг” или да ја обработат некоја друга песна. Јас имам верзии на „Џипси сонг” од разни бендови, од разни изведувачи низ цел свет.
Мислам мојава, имам изданија американски, француски, имам изданија германски на мои, на моја музика. Мислам, како да ти кажам, тоа една, бавно е тоа. Не можеш преку ноќ ти да ја направиш таа музика.
Ама сигурен сум дека сум допринеал кон популаризација и кон еманципација на таа музика, која таа музика е брилијантна и без мене. Да, нашето народно. Пред некој ден на телевизија го гледав заедничкиот мој настап со Танец.
Ние имаме еден проект заеднички Уау! И малку го подзаборавив и сега кога го видов пред некој ден го гледав, викам леле ова колку е добро, добро е. Ние сите знаеме кол0ку е добра таа музика, ама малку луѓе има што дрско тоа ќе го покажат. Јас мислам дека дрско сум го покажал тоа на светот. Гледајте колку е ова добро. Да, гледајте колку е добро.
Кога ги спомна словенечкиот воен оркестар, јас подготвувајќи се за овој интервју, гледав неколку видеа на на YouTube. За жал, не најдов добра снимка, веројатно нема, од настапот со Лондонскиот симфониски оркестар.
Не можеш да најдеш…
Но, аудиото беше коректно и за мене бea фантастични виолинските пасажи, виолинската мелодија на „Елено ќерко, Елено“, придружено потоа со твојата гитара…
Тоа е токму тоа, да го научиш, да ги натераш Лондон Симфони Оркестра да свират во седум осмини. Знаеш кој успех е тоа? Не зборувам дека тоа е успех за Оскар или за Греми или за црвен тепих, ама за мене лично големо достигнување и освојување на високи врвови.

Тоа се многу високи врвови. Ти си скромен, но јас морам да го кажам тоа. Овие пет децении се исполнети со тие високи врвови. И крајот на ова интервју уште едно или две прашања. Момчето од Тафталиџе ѝ даде многу на македонската музика, на македонската култура. Ја афирмираше во светот. А дали ние ти вративме? Дали општеството во Македонија ти врати толку колку што ти ни даде?
Јас не очекувам. Знаеш, не можеш да очекуваш реципроцитет. Јас ќе ви дадам ова, вие ќе ми дадете тоа. Не, јас сум ги добил сите награди што сум требал да ги добијам во Македонија.
Имам државна награда „Единаести октомври”, имам орден на претседателот на Републиката. Добив од два универзитета почесна титула доктор на науките. Па дај да бидеме малце скромни. Мислам што јас сега да барам назад, што да барам назад?
Ако јас имам идеи, не за мене, за сите кои се занимаваат со музика и уметност, што треба Македонија да направи. Имам идеи, ама тоа некој „званичник“ треба да ме праша кои се идеите. Треба да ги олеснат, да им дадат живот на уметниците, да им дадат живот со тоа што ќе укинат ДДВ за карти за концерти. Со тоа што ќе ги ослободат од данок одредени уметници, барем даночни олеснувања. Во Ирска, за илустрација, ако уметник заработи до триста, четрсто илјади евра, е ослободен од данок под препоставка да живее од својата уметност. Не она „јас сум писател, ама јас сум уредник на телевизија“. Не, ако си вајр музичар, сликар, глумец. Ако живееш само од својата работа, ослободен си од даноци. Конкретна помош, не за мене, јас сум пензионер.
За уметниците што доаѓаат позади мене, за младиве луѓе, да им дадеш стимул, да им го олесниш животот, за да стварат уметност, да не мораат сите да молат таму пред Министерството за култура, да пишуваат молби за секој мал проект. Тоа е толку недостојанствено. Ве молам, ако може, пишувам книга, да ми одобрите, да ми одобрите некои пари, да ја објавам книгата. Тоа е недостоинствено. Замислете го Пикасо да пишува до Министерство за култура на Шпанија или Франција: Ве молам, одобрете ми да ја нацртам „Герника“. Знаеш, конкретна помош, конкретна помош за уметноста, за културата и за уметниците.
На почетокот на ова интервју те прашав што беше тригерот што те натера, што те сврта кон музиката во семејство во кое, во кое растеше, семејство кое е исполнето со култура, со духовни вредности, театар, музика и така натаму. Сега Јан, твојот син е во бендот, третиот член во триото… Свири со тебе и тој сега го практично го живее сонот што ти го создаде, така? Он има веројатно свој сон...
Да, он си има авој сон. Јас само го приметив неговиот талент и му дадов шанса да свири со мене како многу млад. Деца беа. Не само Јан. Иван Кукич, басистот. Деца беа, немаа брада кога ги зедов во бендот. И мислам дека созрејаа и зреат сè уште во феноменални музичари.
Инаку да ти кажам дека имам и ќерка со која можам да се пофалам. Ќерката ми Ана Стефановска е високо, високо академски образована, доктор на науки. Живее во Ирска, во Даблин работи, направи преводи на шест драмски текста на Горан Стефановски на италијански објавени во две книги во Италија. Оди по друг пат, таа е лингвист, научник.
Нека ѝ е лесен развојниот пат. Тука сум како родител да им помагам на своите деца, како и секој родител, се разбира. Јас не можам со сила да ги натерам било што да прават. Секое дете само ќе си го одбере патот. Наше е да им дадеме малку поддршка. Да ги надминат проблемите на кои наидуваат.
Ти благодарам многу за разговорот. Ми беше задоволство и особено во овој амбиент што го правиме во Аудио култура. Тука гледам еден храм за Горан Стефановски и за Влатко Стефановски со плочите на Горан, книгите, твоите плочи се поставени, Лондон сешн…
Драго ми е што сме токму тука во Аудио култура. Ова станува култно место во Тафталиџе. Каде на друго место? Култно место за слушање музика, за средби, за пиење кафе и многу ми е драго кога ќе дојдат странци. Јас ги носам прво овде на кафе, се разбира и само ги прашувам дали во вашиот град случајно има вакво место? Сите викаат – не. И драго ми е. Јас сум горд што токму во мојот комшилук има вакво место.
Ти благодарам многу уште еднаш и се гледаме на концертот во Скопје. Живи и здрави.