Научниците создаваат „затемнување на сонцето“: Тие имаат важна цел, а особено ќе ги модифицираат облаците

Теоретски е можно да се лади планетата со постоечката технологија, но постојат многу практични проблеми што треба да се решат пред решенијата да можат да се имплементираат во голем обем.

Експериментите за намалување на сончевото зрачење во борбата против глобалното затоплување наскоро ќе добијат зелено светло од британската влада.

Имено, се разгледуваат тестови на отворено, кои би можеле да вклучуваат вбризгување аеросоли во атмосферата или осветлување на облаците за да ја рефлектираат сончевата светлина, што сето тоа би требало да помогне во ублажување на климатските промени.

„Арија“, владината агенција за финансирање на напредни истражувања и иновации, издвои 50 милиони фунти за овие проекти, кои ќе бидат објавени во наредните недели.

Професорот Марк Сајмс, директор на програмата во Агенцијата за напредни истражувања и иновации (Арија), рече дека ќе бидат спроведени „мали, контролирани експерименти на отворено“.

„Во наредните недели ќе објавиме кому сме доделиле средства, а потоа јасно ќе наведеме кога би можеле да се спроведат експерименти на отворено. Едно од клучните нешта што недостасуваат во оваа дебата се податоците од реалниот свет. Моделите ни помагаат само до одреден степен. Сè што правиме ќе биде безбедно и ќе бидеме целосно посветени на одговорно истражување, вклучително и истражување на отворено. Имаме строги барања во врска со времетраењето на експериментите и нивната реверзибилност и нема да финансираме испуштање на токсични супстанции во животната средина“, рече тој.

Геоинженерството – што се однесува на вештачко менување на климата – е контроверзно, бидејќи критичарите предупредуваат дека може да има штетни ефекти и да го одвлече вниманието од клучната цел: намалување на емисиите на стакленички гасови.

Сепак, сè поголем број научници изразуваат загриженост дека нивоата на јаглерод диоксид не опаѓаат доволно брзо и дека можеби ќе бидат потребни дополнителни мерки за да се избегне катастрофално затоплување.

Методи за рефлектирање на сончевата светлина

Една од главните насоки на истражување вклучува методи за рефлектиране на сончевата светлина, како што е вбризгуване на аеросоли во стратосферата, каде што се ослободуваат ситни честички кои го рефлектираат сончевото зрачење.

Друго можно решение е осветлување на морските облаци, каде што бродовите би испуштале честички од морска сол во атмосферата за да ја зголемат рефлективноста на ниските облаци.

Чад од бродови

Експертите во последните децении забележаа дека облаците над морските патишта се многу посветли, бидејќи загадувањето предизвикува тие да станат порефлективни, што резултира со ефект на ладење.

Овој ефект беше толку изразен што воведувањето на меѓународни регулативи за намалување на емисиите на сулфур диоксид во 2020 година, според научниците, предизвика нагло зголемување на глобалното затоплување.

Професорот Џим Хејвуд, експерт за атмосферски науки на Универзитетот во Ексетер, рече: „Ако инјектирате мали честички во облаците, можете да ги осветлите, рефлектирајќи повеќе сончева светлина назад во вселената“.

„Знаеме дека може да функционира поради емисиите од бродовите што создаваат светли линии во облаците над океанот, како и вулканската ерупција во Исланд во 2014 година, која ослободи многу сулфур диоксид и ги осветли облаците, што резултираше со ладење на планетата“, додаде тој.

Модификација на Cirrus

Исто така, постојат идеи за модификација на цирус, еден вид на високи облаци. Тие моментално дејствуваат како ќебе што ја задржува топлината – целта е да се „засеат“ за да се овозможи повеќе топлинско зрачење да „излезе“ во вселената.

Д-р Себастијан Истхам, виш предавач по одржлива авијација на Империјал колеџ во Лондон, рече дека „секој пат кога летате, сулфурот што природно постои во млазното гориво се испушта во долната стратосфера, предизвикувајќи мал ефект на ладење“.

„На сличен начин, кондензаторските патеки на авионите ненамерно ги модифицираат цирусите, но во овој случај тие водат до нивно формирање, наместо да го спречат нивното појавување. Ова покажува дека теоретски е можно да се излади планетата со постојната технологија, но постојат многу практични проблеми што треба да се решат пред ова да може да се примени во голем обем“, истакна тој.

Експертите се надеваат дека доколку експериментите бидат успешни, технологиите би можеле да се прошират и применат во следните десет години.

Покрај експериментите на отворено, „Арија“ ќе финансира и моделирање, лабораториски тестирања, следење на климата и анкети на јавното мислење за геоинженерството.

Зачлени се на нашиот е-билтен