Пред 122 години беше убиен најголемиот македонски револуционер Гоце Делчев

Најголемиот македонски револуционер и борец за слобода, Гоце (Георги) Делчев, на денешен ден 4 мај, 1903 година, пред 122 години, бил убиен од турската војска во селото Баница, на пат кон Сер.

По убиството во 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница,  до 1917 година,  кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Гоце Делчев е еден од најистакнати македонски национални херои и борци за независна и слободна Македонија. Тој е деец на Македонската револуционерна организација, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Освен тоа што бил револуционер, тој бил и голем тактичар и политичар кој кажал многу мудрости со кои ја предочил македонската идеологија и иднина.

Делчев произлегува од релативно добро ситуирано кукушко семејство Делчеви. Роден е на 4 февруари 1872 година како прво машко дете, трето по ред чедо на бројната фамилија Делчеви која имаше вкупно девет деца. Гоце беше опкружен од тројца браќа (Мицо, Милан и Христо) и пет сестри (Руша, Цоца, Тина, Лика и Елена).

Татко му Никола Делчев беше кукушанец, а мајка му Султана Нурџиева потекнуваше од блиското село Мурарци.

Во родниот Кукуш Гоце Делчев помина половина од својот краткотраен животен пат. Тоа е првата, речиси идилична фаза што го опфаќа неговото детство. Првата етапа од неговото школување е сврзана со родниот град Кукуш. Тука Гоце се здоби со основното образование, а потоа школувањето го продолжи во Солун. Во Солунската гимназија ќе се случи и првиот јавен револуционерен истап на Делчев, на свеченоста посветена на роденденот на султанот Абдул Хамид II.Додека масата присутни акламирала “Чок јаша!” (Да живее), 17 годишниот Гоце Делчев, божем сепнат осамено извикал: “Аша!” (Долу) со што силно го подигна неговиот углед во солунската средина.

Подоцна, како питомец во военото училиште во Софија тајно ги посетува социјалистичките кружоци и ја шири социјалистичката литература, за што беше исклучен од училиштето.

Во 1894 година Гоце беше назначен за учител во Штип, каде што се запозна со Даме Груев, еден од основачите на ТМОРО.

Од 1896 година се зачлени во редовите на Организацијата и се до неговата смрт беше во Централниот комитет на ТМОРО.

За време на честите обиколки низ Македонија работеше на создавање организациона мрежа со здрави и цврсти бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Сета своја љубов и загриженост кон Македонија ја изразува во неговото писмо до Даме Груев во 1894 година: “Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?”.

На Солунскиот конгрес на ВМРО од 1896 година, заедно со Ѓорче Петров добија задача да ги изработат Нацрт-уставот и Нацрт-правилникот на Организацијата. Оттогаш, па се до 1901 година беше задграничен претставник на ВМРО во Софија, каде што водеше долга и тешка битка со врховистите.

Гоце Делчев се залагаше за самостоен развој на Движењето и за организирање на македонските маси, без оглед на верата и националната припадност. Ослободувањето на Македонија го гледаше како нејзина внатрешна работа. “Ние не мислиме да правиме политика, ниту на други да им дозволиме да прават политика со Македонија. Нашата борба за нас тоа е живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме. Кога ќе се прави востание ќе реши народот” велеше тој. “Не може да се надеваме на туѓа помош, да не чекаме помош од Бугарија, ни од која било друга сила, туку треба да се подготвиме од внатре – во душата на секој селанец да се проникне таа идеја”.

Дека Македонија му била во срецето на големиот македонски револуционер се гледа и преку цитатите кои ги оставил за следните генерации:

„Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?“

„Македонија има свои интереси и своја политика.Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец.

„Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население.“

„Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите.“

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа.“„Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население.

„Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех; јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква, поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата – или ќе водиме говеда на касапница.“

„Труд и постојамство, тоа е силата, со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива.

„Делото на ослободувањето на еден народ, е пред се негово сопствено дело, на неговите сопствени раце.“

„Внатрешната организација не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами и да го разбие нивниот ропски дух.

„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите.“

Зачлени се на нашиот е-билтен