Економист: Пет привилегии што Европа веќе не може да си ги дозволи

„За сè да остане исто, сè мора да се промени“ – оваа реченица од романот Леопардот на Џузепе Томази ди Лампедуза, која се однесува на италијанското благородништво во време на револуција, совршено го отсликува предизвикот со кој се соочува денешна Европа, пишува британскиот магазин Економист.

Некогашните империи сега се принудени да гледаат како нивните поранешни колонии ги достигнуваат – па дури и ги надминуваат. Иако промените се очигледно неопходни, Европа, како што често се покажува, се труди да се адаптира на новата глобална реалност.

Промена што доаѓа под притисок

Европската Унија има долга традиција на реакции само кога кризата станува неизбежна. По долгогодишната зависност од руски енергенси, кинескиот пазар и американската безбедносна заштита, конфликтот во Украина и променливата политика на САД оставија длабоки траги. Континентот, слично на некој некогаш богат аристократ, мора да почне да се откажува од навиките кои стануваат прескапи.

Партнерство со Велика Британија – потреба, не каприц

Првиот „луксуз“ што треба да се преиспита е непродуктивната тврдоглавост во односите со Обединетото Кралство. Откако Британија ја напушти ЕУ, Брисел често води политика која повеќе има цел да даде пример отколку да изгради мостови. Но, Брегзит веќе служи како предупредување сам по себе – нема потреба повеќе да се казнува Лондон.

Во услови на зголемени геополитички ризици, Британија може да понуди важен придонес – особено во областа на одбраната. Иако е договорено Обединетото Кралство да се приклучи кон европските одбранбени програми, процесот беше блокиран поради несоодветни барања, како што беше случајот со француското инсистирање да се решат риболовните права пред се друго.

Европа мора да престане да ги „извезува“ своите правила

Уште една прескапа навика е обидот на ЕУ да ги наметнува своите стандарди за заштита на животната средина, работнички права и трговија надвор од своите граници. Во свет каде американскиот протекционизам зема замав, Европа мора да ги редефинира своите трговски приоритети. Претставувањето на Унијата како глобален регулатор е сè поскапа и помалку одржлива илузија.

Попродуктивна трговија – пред сè внатрешно

Ако трговијата со Америка станува сè потешка, тогаш логичниот чекор е зголемување на економската соработка меѓу земјите-членки. Иако некои бариери се веќе отстранети, пазарот на услуги меѓу државите во ЕУ и понатаму е попречен со регулативи кои, според ММФ, се еквивалент на 110% царински давачки.

Брисел досега ги игнорираше или заборави извештаите и предлозите – како оној на Марио Драги – што можат значително да ја продлабочат интеграцијата. Време е овие документи да станат реална агенда.

Демографскиот пад – опасност што не се решава

Една од најголемите закани што Европа ја игнорира е стареењето на населението. Односот меѓу активната работна сила и пензионерите се влошува: од пет работоспособни лица по еден пензионер во 1980 година, денес тој однос е три спрема еден, а до 2050 ќе биде два спрема еден. Решавањето на ова прашање не трпи одлагање.

Одбраната – најзапоставениот сектор

Веројатно најголемиот „луксуз“ кој Европа си го дозволуваше со децении е недоволното вложување во одбраната. По Студената војна, континентот се навикна на мирот и ја пренасочи потрошувачката кон социјалната заштита. Денес, неколку држави – како Италија и Белгија – сè уште се обидуваат да ги достигнат НАТО-стандардите од 2% од БДП за воени трошоци, договорени пред повеќе од една деценија.

Пренасочување на фокусот – потребна реалност

Откажувањето од политиките што претставуваат луксуз не значи откажување од вредностите. Напротив, тоа дозволува пренасочување на ресурсите кон навистина важни приоритети – како што се борбата против климатските промени, одбраната на Украина и одржувањето на социјалниот систем кој е длабоко вкоренет во европското општество.

За да ги задржи најважните достигнувања, Европа мора да го прифати фактот дека светот се менува – и дека промените бараат нови приоритети.

Зачлени се на нашиот е-билтен