Со одлуката на американската влада да го укине бесцаринскиот увоз на мали пратки од Кина и Хонгконг, светот на е-трговијата се соочува со драматичен пресврт. Новите мерки ставаат крај на повластениот режим познат како „de minimis“, кој им овозможуваше на платформите како Shein, Temu и AliExpress масовно да испорачуваат евтина стока директно до американските потрошувачи – без царина, без контрола, без ограничувања.
Новите правила воведуваат царина од дури 120% од вредноста на пакетите или фиксен надомест од 100 долари по пратка, кој во јуни ќе се удвои. Досега, увозот до 800 долари беше ослободен од било какви давачки – олабавување што беше воведено во време на администрацијата на Обама во 2016 година, со цел да се олесни меѓународната трговија и да се намалат бирократските процедури.
Кина – голем губитник, модата на удар
Најголеми губитници од оваа одлука се кинеските гиганти кои живееја од оваа дупка во системот:
Shein – царот на брзата мода
Temu – платформа на PDD Holdings
AliExpress – дел од Alibaba Group
Според анализа на Nomura, лани Кина извезла стока вредна 240 милијарди долари директно до потрошувачи низ целиот свет, при што дури 35% од тој извоз била облека, а потоа следеле електроника (22%), предмети за домаќинство (17%) и козметика (7%).
Од Обама до Трамп: Од економски стимул до царинска блокада
Политиката „de minimis“, иако воведена уште во 1938 година, доби нова димензија во 2016 кога Конгресот го зголеми прагот од 200 на 800 долари. Тоа ја отвори вратата за масовен прилив на евтина стока од Азија. Но, со последниот потег на администрацијата на Трамп, прагот не само што е симнат, туку целосно е елиминиран за пратки од Кина и Хонгконг.
За милиони Американци, кои секојдневно купуваа гардероба, гаџети и ситници по неколку долари, ова значи значително поскапување. И Amazon веќе чувствува притисок – неговата сопствена дисконт услуга Haul, инспирирана од моделот на Temu, би можела да згасне под товарот на новите царински правила.
Освен ударот по џебовите на Американците и приходите на кинеските компании, оваа мерка може да предизвика и пошироки економски тензии, отворајќи ново поглавје во трговската војна помеѓу САД и Кина – овојпат со царински бариери како главно оружје.