Во многу земји, 8 Мај се одбележува како Ден на победата во Втората светска војна од 1945 година. Но, голем број жители на водечките западноевропски земји и САД, осум децении по завршувањето на војната, стравуваат дека злосторства слични на оние од времето на нацизмот и фашизмот би можеле повторно да се случат за време на нивниот живот, покажува истражувањето на агенцијата ЈуГов.
Во репрезентативното истражување спроведено од Институтот за истражување на јавното мислење во САД, Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Шпанија, меѓу 31 и 52 отсто од граѓаните изјавиле дека е можно ваквите злосторства да се повторат во нивната земја.
На прашањето дали веруваат дека вакво нешто е можно во друга западноевропска земја, позитивно одговориле меѓу 44 и 59 отсто од испитаниците. Најмногу ја делат оваа загриженост Британците (59 отсто), додека најмалку веруваат во таква можност Италијанците (44 отсто).
Интересно е што и Европејците и Американците сметаат дека е можно, а не невозможно, вакво нешто да се случи и во самите САД. Меѓу 44 и 62 отсто од анкетираните се согласуваат со оваа изјава – вклучувајќи 52 отсто Американци, 62 отсто Британци и 54 отсто Германци. Повторно, најмалку веруваат во таков ризик Италијанците (44 проценти).
Во исто време, најголем дел од испитаниците оцениле дека САД одиграле главна улога во победата над Хитлерова Германија – со исклучок на Британците, од кои 41 отсто сметаат дека нивната земја била клучна. Потоа следуваат Советскиот Сојуз (17 отсто), па САД со 14 отсто. Од 19 до 25 отсто од испитаниците не дале одговор на ова прашање.
Големо мнозинство од граѓаните на Велика Британија (84 отсто), САД (74 отсто) и Франција (62 отсто) сметаат дека учеството на нивната земја во Втората светска војна било исправно. За разлика од нив, само 8 отсто од Германците и 18 отсто од Италијанците имаат такво мислење за улогата на својата земја. Поголемиот дел од Германците (70 отсто) и Италијанците (56 отсто) сметаат дека било погрешно нивните земји да учествуваат во војната.
Покрај тоа, точно половина од анкетираните Германци и 41 отсто од Италијанците изразиле срам за улогата на нивната земја во војната. Италија била дел од силите на Оската заедно со Германија и Јапонија сè до падот на режимот на Мусолини во 1943 година, по што преминала на страната на сојузниците.
Сепак, 46 отсто од Германците сметаат дека нивната земја добро се справила со своето нацистичко минато. Со ова се согласуваат и 49 отсто од Американците и 58 отсто од Британците. Французите се поумерени – само 34 отсто од нив сметаат дека Германија соодветно се соочила со злосторствата направени во нејзино име.
На прашањето кој е најодговорен за зачувување на мирот на европскиот континент, значителен дел од анкетираните во сите земји одговориле – Обединетите нации. Најмалку ова верување го изразиле Германците (44 отсто), а најмногу Французите (60 отсто).
Меѓутоа, најголемото признание процентуално му било дадено на НАТО (од 52 до 66 отсто), а меѓу 45 и 56 отсто од испитаниците изјавиле дека Европската Унија подоцна дала значителен придонес во зачувувањето на мирот.
Истражувањето, исто така, го испитувало и степенот на информираност на граѓаните за настаните од нацистичката и фашистичката ера. Французите и Германците водат во оваа категорија – со 72 и 70 отсто, кои изјавиле дека знаат многу или доволно за Втората светска војна и настаните што ѝ претходеле. Во Шпанија, која формално не учествувала во војната, 40 отсто од испитаниците дале таков одговор.
Сепак, се разликува изворот на ова знаење – односно дали го стекнале преку формално образование. Две третини од Французите изјавиле дека научиле многу за ова во училиште, во споредба со 60 отсто од Германците и само 34 отсто од Шпанците.
И покрај тоа, огромно мнозинство од граѓаните на европските земји и САД (од 82 до 90 отсто) се согласуваат дека сè уште е важно да се учи за Втората светска војна во училиштата. Меѓу 72 и 87 отсто од испитаниците веруваат дека таа и периодот што ѝ претходел остануваат релевантни за современиот свет.