Столтенберг: Норвешкиот пензиски фонд не смее да инвестира во големи производители на оружје

Норвешкото Министерство за финансии, предводено од поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го отфрли предлогот на група опозициски пратеници за измена на етичките принципи на инвестирање на државниот пензиски фонд, со што ќе се овозможеше вложување во големите производители на оружје.

Норвешкиот пензиски фонд, кој ги инвестира приходите од нафта и гас, вложува во акции, обврзници, недвижности и инфраструктура за зелена енергија. Но, при тоа мора да ги почитува строгите етички насоки што, меѓу другото, му забрануваат да инвестира во компании како Ербас, Боинг, БАЕ Системс и Локхид Мартин, поради нивното учество во производство на компоненти за нуклеарно оружје.

Во последните месеци, опозициските Конзервативна партија и Партијата на напредокот повеќепати го повикаа парламентот да ги ревидира овие насоки, особено во светло на зголемените трошоци за одбрана ширум Европа.

Предлогот за промена доби поддршка и од гувернерката на Централната банка, Ајда Волден Баче, која во февруари изјави дека Норвешка „мора да прифати“ дека дефиницијата за етички прифатливи инвестиции може да се менува, со оглед на повторното вооружување на светот и растечките меѓународни тензии.

Централната банка управува со пензискиот фонд. Конзервативците тврдат дека повеќе не е рационално да се забрануваат инвестиции во компании кои произведуваат клучна воена опрема за Норвешка и нејзините сојузници.

Во рамки на постоечките насоки, фондот веќе инвестира во компании како германскиот Рајнметал и италијанскиот Леонардо, бидејќи тие не се поврзани со нуклеарното оружје.

Група пратеници од Партијата на напредокот неодамна предложија закон со кој се тврди дека е лицемерно фондот да не смее да купува акции на Локхид Мартин, додека државата истовремено набавува нивни борбени авиони F-35.

„Сакаме да го направиме капиталот достапен за воената индустрија, што е особено неопходно во моментот“, изјави за Ројтерс Ханс Андреас Лими, еден од иницијаторите на предлогот.

За да се пробие политичкиот ќор-сокак и да се промени политиката на малцинската лабуристичка влада, поддржувачите на промената ќе мора да обезбедат поширока парламентарна поддршка. Ако парламентот ги измени насоките, можно е и други инвеститори да го следат примерот и да почнат да вложуваат во одбранбената индустрија.

Ставот на Министерството за финансии

Министерството за финансии, под раководство на Столтенберг, се спротивставува на иницијативата. „Сметаме дека сè уште е рано за суштинска промена на насоките“, изјави заменичката министерка за финансии, Елен Рајтан, за Ројтерс, нагласувајќи дека такви одлуки бараат широк политички консензус.

„Етичките критериуми не треба да се менуваат ад хок“, нагласи таа.

Министерството посочи дека евентуални измени во иднина треба да се базираат на сеопфатна и внимателна анализа, што ќе ги постави критериумите во релевантен контекст.

Во белата книга објавена во април, Министерството не го спомна прашањето за промена на инвестиционите насоки, што според Ројтерс е јасен сигнал за неговиот отпор. Тој документ би можел да стане основа за идна парламентарна дебата во наредните недели.

Зачлени се на нашиот е-билтен