Уште недоречено раскинувањето со Мицкоски, Ахмети порачува дека ако делот на АА си замине од Владата таа го губи легитимитетот на претставник на Албанците во власта.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Медиумската „хајка“ од страна на провладините медиуми против Аррбен Таравари почнува. Тоа значи дека го отслужи своето во Владата на Мицкоски и сега е на заминување. Дури и да сака да се врати, ќе нема каде, и не на она ниво на кое беше досега.
Затоа машинеријата на ВМРО ДПМНЕ почна да го меле. Доскорешниот успешен министер за здравство сега се обвинува дека не менаџира како што треба со паркингот на Клинички, дека создава хаос, дека нема информации дека во Клиничката болница во Тетово, веќе една година не се изведуваат ортопедски хируршки интервенции.
Затоа сега за успесите во здравството говори директорот на Фондот, Сашо Клековски. Можеби тој ќе е новиот министер за здравство, кој знае!
Тоа е многу симптоматично и говори дека врските меѓу Таравари и власта (особено ВМРО-ДПМНЕ) се веќе сериозно нарушени. Кога провладините медиуми и т.н. „курири“ почнуваат отворено да напаѓаат некој коалициски партнер, тоа ретко е случајно – тоа е сигнал дека владејачкиот центар го пушта тој партнер „низ вода“ или го притиска да се врати во линија.
ВМРО-ДПМНЕ преку медиумите кои ги контролира или влијае, ја демонтира сликата на Таравари како успешен министер, но и како несигурен партнер во односите. Оваа порака е испратена и до оние кои имаат намера да воспостават било какви релации со Таравари. За воља на вистината и самиот Таравари придонесе за ваквиот негов имиџ затоа што повеќе пати досега менуваше страни и партнери, а најпоразителна беше одлуката да се раздели од Зијадин Села со што ја преполови партијата.
Затоа ехото на пораката што власта му ја испраќе ореку своите медиуми е: „или се враќаш под нашата стратегија, или си надвор од играта“. Тоа е класичен политички потег: оној кој станува непредвидлив – се елиминира, дури и ако тоа значи краткорочна нестабилност.
Нападите се индикатор дека ВМРО-ДПМНЕ можеби веќе одлучила да го жртвува Таравари, за да даде повеќе простор на Меџити, Касами или други послушни играчи.
Оттаму овие месец дена што премиерот Мицкоски му ги даде на Таравари за да се „консултира“ внтрепартиски, нема да бидат „меден месец“ за довчерашниот коалициски партнер туку одење по трње.
Ако Таравари остане на линијата на самостоен настап, може да очекува дополнителен медиумски и институционален притисок, па дури и дискредитирање.
Од тука натаму, Таравари мора или да направи отстапка, или целосно да ја смени својата стратегија – но веќе не може да игра на двете страни.
Освен заминувањето од Влен, а со тоа и од Владата, симптоматично е и враќањето во Фронтот предводен од ДУИ.
Како Ахмети ќе ги носи под иста мишка и Села и Таравари, кога според изјавите на првиот тоа е невозможна мисија: „На членовите на АА кои отидоа со Таравари вратата им останува отворена, но не и за Таравари!, вели Села.
Според Села тоа би бил„екстремен неморал“, имплицирајќи дека поделбата во партијата не е само прашање на стратегии или моментални интереси, туку длабока последица на политичкиот пристап и принципи.
Но лидерот на ДУИ веројатно ја гледа поголемата слика штом му се доближува на Таравари!
Уште недоречено раскинувањето со Мицкоски, Ахмети порачува дека ако делот на АА си замине од Владата таа го губи легитимитетот на претставник на Албанците во власта.
Тоа веќе може да биде вовед во други, поголеми игри на политичката сцена. Една таква опција спомена и експертот Владимир Божиновски. Според него, доколку Таравари излезе од влада, постои можност друга политичка партија да помине од опозиција во власт.
Дргата опција ја навестува лидерот на СДСМ Филипче кој најавува отвореност за коалции и со партии на Албанците.
Дали мисли на АА на Таравари?