Хјуман рајтс воч ја обвинува Грција за поткопување на слободата на медиумите

Невладината организација Хјуман рајтс воч (HRW) денеска соопшти дека грчката влада „го поткопува правото на информирање“ и предупреди на „значително влошување“ на слободата на медиумите во земјата откако конзервативната партија дојде на власт во 2019 година. Организацијата повика на „поенергичен одговор“ од Европската комисија.

Во извештајот со наслов „Сè полошо и полошо“, HRW посочува на системско „заплашување“ и „малтретирање“ на новинари, поттикнување на самоцензура и зголемување на владината контрола врз медиумите во оваа земја-членка на Европската унија.

Извештајот се темели на 26 интервјуа со новинари и медиумски експерти и документира случаи на онлајн вознемирување, често организирани или поддржани од провладини актери, со цел дискредитација и замолчување на критичките гласови во медиумите.

„Постојаните и намерни притисоци создаваат средина во која критичкото новинарство е задушено, а самоцензурата станува секојдневие“, изјави Хју Вилијамсон, директор на HRW за Европа и Централна Азија.

Меѓу главните загрижености се и т.н. SLAPP-тужби (стратешки тужби против јавна партиципација), кои ги поднесуваат компании или политичари за да ги замолчат новинарите преку скапи и долготрајни судски процеси. Во Грција, според HRW, не постојат ефективни правни механизми за заштита од овие злоупотреби.

Организацијата потсетува и на скандалот со нелегалното прислушување на новинари и политичари преку шпионскиот софтвер Predator во 2022 година — афера која сериозно ја потресе владата на премиерот Киријакос Мицотакис.

Во извештајот се наведува и дека државните средства за рекламирање биле насочувани главно кон провладини медиуми, што дополнително го нарушува медиумскиот плурализам, кој и онака е ограничен поради високата концентрација на медиумска сопственост.

Репортери без граници (RSF) неодамна ја рангираа Грција на 89-то место од 180 земји според Индексот на слобода на медиумите за 2025 година — најлоша позиција меѓу сите 27 земји членки на ЕУ.

Минатата година, Европскиот парламент усвои резолуција во која изрази „длабока загриженост“ за влошувањето на владеењето на правото и состојбата со медиумите во Грција. Владата во Атина ги отфрли критиките, нарекувајќи ги „претерани“ и неосновани.

Зачлени се на нашиот е-билтен