Додик е повеќе руски отколку српски играч: Балканот одамна е втор фронт на Путин во Европа

Угледниот американски тинк-тенк The Center for European Policy Analysis (CEPA) објави анализа со наслов „Босна: Втор фронт на Москва во Европа“, напишана од Стивен Бланк, виш соработник на Foreign Policy Research Institute.

Анализата, се фокусира на дестабилизирачката улога на Русија на Балканот – особено преку поддршката на Милорад Додик и неговите сецесионистички амбиции во Босна и Херцеговина – и предупредува дека игнорирањето на тие закани би можело да има сериозни последици за безбедноста на Европа и меѓународниот поредок.

Путин и Балканот – одамна познато „игралиште“

Според британските разузнавачки служби и министерот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Дејвид Леми, Владимир Путин сака Западен Балкан да стане негово „ново игралиште“. Но, според CEPA, ова е задоцнето признание за нешто што се случува веќе со години – целиот Балкан одамна е „втор фронт“ на Путин во Европа.

Русија интензивно работи на дестабилизација на Молдавија, има значително влијание во Бугарија и се обидува да ги поткопа изборите во Романија.

Додик – од умерен реформатор до проруски сецесионист

Главен сојузник на Москва во Босна е претседателот на Република Српска, Милорад Додик, човек кој толку сака да ја нагласи својата поврзаност со Путин, што во 2023 година му додели високо одликување.

Во доцните 1990-ти и раните 2000-ти, Додик се претставуваше како реформатор и уживаше западна поддршка, дури и го призна масакрот во Сребреница и се спротивставуваше на воените националисти. Но, по враќањето на власт во 2006 година, тој презема отворено националистичка и проруски ориентирана агенда.

Клучна пресвртница беа признавањето на независноста на Косово во 2008 и обидите на Сараево да ја централизира БиХ преку одлуки на високиот претставник, што Србите го доживуваат како кршење на Дејтонскиот договор.

Додик целосно зависен од Москва

Додик ја користи поддршката на Кремљ за да го оправда своето повлекување од државните институции, отфрлање на надлежноста на високиот претставник и засилување на реториката за отцепување на Република Српска. Поради недостаток на партнери и поддршка од други актери, Додик е речиси целосно зависен од Русија.

Во февруари, тој беше осуден на затвор од државниот суд за непочитување на одлуките на високиот претставник – потег што ја предизвика најголемата политичка криза во БиХ по војната.

Повеќе руски отколку српски играч

Овие потези доаѓаат во незгоден момент за претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој иако се обидува да балансира меѓу Истокот и Западот, изразува поддршка за територијалниот интегритет на БиХ.

Анализата посочува дека е тешко да се тврди дека Додик е Вучиќев играч, особено во момент кога Србија се соочува со домашна криза поради инфраструктурен колапс што резултираше со смрт на 15 луѓе. Дополнително, Русија одбива да го продаде својот удел во српската нафтена компанија НИС, и покрај американските санкции.

Додик, во април, повторно го посети Путин во Москва и побара руска поддршка за укинување на канцеларијата на високиот претставник во БиХ. Исто така, наводно лобира кај администрацијата на Доналд Трамп за укинување на американските санкции против него – верувајќи дека враќањето на Трамп може да му отвори нов простор за делување.

CEPA: Ова е закана, но и можност

CEPA заклучува дека Додиковата закана може да стане можност – ако Западот, вклучително и НАТО и мисијата ЕУФОР, реагира и го обнови Дејтонскиот поредок на начин што ќе ги заштити легитимните интереси на сите три народи во БиХ.

Тоа би му овозможило на Вучиќ да се ослободи од руското влијание и да се дистанцира од московските игри што се претставуваат како „про-српски“, но всушност се дестабилизирачки.

Во спротивно, преговори со Русија за Украина што ја игнорираат Босна ќе значат само едно: Путин ќе ги задржи своите добивки и ќе отвори нови жаришта на нестабилност на Балканот.

Зачлени се на нашиот е-билтен