Во шорткастот „Што има ново?“ на ИМА, Петрит Сарачини разговара со Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Во разговорот, тие се осврнуваат на случајот „Адитив“ во кој е обвинета и актуелната претседателка на ДКСК Татјана Димитровска, како и на претходниот случај со сертификатот на директорот на АНБ Бојан Христовски, со кои во јавноста се создаде сериозен сомнеж за работењето на оваа Комисија.
За случајот „Адитив“ за злоупотреба на јавни набавки и перење на пари при набавки за адитиви за јаглен за потребите на ЕСМ, во кој меѓу 31 обвинети се најде и претседателката на Антикорупциската комисија, Ивановска ја коментираше апсурдната ситуација во која тој што ја треба предводи борбата против корупцијата е обвинет за корупција.
„После сите повици коишто беа упатени до претседателката, од морални причини да си даде оставка, таа едноставно излезе со соопштение да каже дека имала комуникација со семеен пријател, сè до моментот додека не почнало обвинението против него и дека бара од јавноста да се почитува интегритетот на институцијата и притоа кажа дека споделила јавни документи…Значи доколку документите се јавни, нема потреба што да се споделува, тие се веќе јавни. Понатаму, мислам дека границата помеѓу приватното и службеното некако се измешала. И третата работа беше – бара да се почитува интегритетот на институцијата – мислам дека институционалниот интегритет на секоја институција е всушност огледало на личниот интегритет на луѓето коишто ја водат и работат во таа институција. Значи, нема што да бара – таа треба да го овозможи интегритетот и за да ја намали штетата, нели, требаше од морални причини да си поднесе оставка“, смета Ивановска.
Иако случајот предизвика бурна реакција во јавноста, ДКСК освен преку едно соопштение не се одважи да се појави јавно и да заземе став за случајот, што упатува на нетранспарентност на Комисијата и фрла дополнителен сомнеж врз нејзиното работење.
„Значи, барем една прес-конференција, во којашто ќе кажеа кои им се намерите, ќе се оградеа од, нели, случувањата што ги имала претседателката. Не оставија впечаток дека тие се строго против нејзините постапки. Барем јас не добив таков впечаток“, оценува Ивановска.
Осврнувајќи се и на случајот со спорниот сертификат за англиски јазик на директорот на АНБ Христовски, Ивановска посочува дека решението за овие случаи треба да се бара во Собранието, бидејќи тоа ги назначува членовите на Комисијата, и оттука – таму е местото каде треба да се преиспита работењето на ДКСК.
„Мене тука, во целата оваа ситуација ме чуди зошто Собранието воопшто не реагира. Ниту во првиот случај кога беше нели директорот на АНБ во прашање, не се направи некаква надзорна комисија, пред којашто членот и Комисијата ќе дадеа отчет на кој начин се разгледувал предметот. Затоа што очигледен беше судирот на интерес на членот на Комисијата којшто сите знаеме дека предаваше на тој Универзитет, од една страна. А, од друга страна, кога излезе одлуката, многу лесно можевме да видиме дека тој предмет се работел во Одделение за судир на интерес а не во Одделение за корупција. А таму се испитува корупција, дали сертификатот е во ред или не, тоа не е судир на интерес, тоа е корупција…И уште повеќе што, за мене беше исто така нели симптоматично, е што на тој предмет, на таа одлука, во ‘Изработил’ и ‘Контролирал’ немаше потпис од стручната служба, туку беше потпишана само претседателката и членот на Kомисијата. Значи, каде е Собранието во целиот овој случај, да ги преиспитува, како нели институција којашто ги бира и назначува членовите на ДКСК, каде е Собранието да ѝ го преиспита работењето“, прашува Ивановска.
Погледајте и слушнете повеќе за оваа тема во првиот дел од видео шорткастот „Што има ново?“.