Северна Македонија се наоѓа на четири пати пониско ниво на БДП по глава на жител споредено со Европската Унија – и дури и со оптимистично темпо на раст, ќе ѝ бидат потребни децении за да го достигне европскиот стандард. Ова е една од главните пораки од најновиот извештај на Светска банка „Поголеми височини – Раст кон високи приходи во Европа и Централна Азија“, презентиран во Скопје.
„Доколку земеме предвид дека просекот во ЕУ е околу 36.000 долари, а Северна Македонија е на 8.000 до 9.000, за израмнување ќе биде потребно зголемување од четири пати. Ако растот е брз, тоа може да се случи за 30–40 години. Ако е бавен, како досега, ќе треба и до 70 години“, предупреди Иваило Изворски, главен економист на Светска банка за Европа и Централна Азија.
За да се намали овој јаз, земјата мора сериозно да се посвети на три клучни области:
Образование со квалитет и практични вештини,
Поттикнување на конкуренција и подобрување на деловното окружување,
Поголема енергетска ефикасност и намалување на трошоците.
Изворски предупреди дека образованието во регионот заостанува – младите минуваат три до четири години помалку во учење отколку нивните врсници во Источна Азија, и често излегуваат од образовниот систем со недоволно практични знаења.
Дополнително, бизнисите се соочуваат со слаба конкуренција и ограничен пристап до ресурси, што го кочи растот на новите компании. „Ако новите фирми не можат да растат брзо, нема кој да го повлече економскиот раст“, вели Изворски.
На енергетски план, Македонија троши трипати повеќе енергија по единица БДП отколку земјите од ЕУ, иако троши помалку по човек. Подобра енергетска ефикасност би значела помали сметки за граѓаните и помалку потреба од државни субвенции.
И покрај ова, Владата е оптимист. Премиерот Христијан Мицкоски најави нова странска инвестиција и постави цел: БДП по глава на жител да достигне 10.500 долари.
„Минатата година беше рекордна – над 1,2 милијарди евра странски инвестиции. Сега целиме кон БДП над 20 милијарди долари и намалување на јавниот долг под 50%“, изјави тој.
Но од извештајот на Светска банка е јасно: без длабоки системски реформи, европскиот стандард ќе остане само далечна цел.