Трамп добива на подарок луксузен авион „Боинг 747-8“, „летечка палата“ со златни ѕидови

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе добие еден од највредните подароци некогаш дадени на американската држава – луксузен авион „Боинг 747-8“, познат како „летечка палата“, кој ќе стане негов нов „Ер Форс Уан“.

Според „Еј-Би-Си Њуз“, авионот е подарок од кралското семејство на Катар, а неговата испорака се очекува за време на претстојната посета на Трамп на Блискиот Исток.

Авионот се одликува со раскошна внатрешност, вклучувајќи златни ѕидови, позлатен мебел, спална соба, салони, конференциски простории, мермерни бањи и големо скалиште. Според извори на медиумот, Трамп го разгледал авионот во февруари на аеродромот во Вест Палм Бич и лично го одобрил. Пред крајот на неговиот мандат, авионот треба да биде предаден на фондацијата на претседателската библиотека на Трамп.

Американскиот Устав забранува федералните функционери да примаат лични подароци од странски државници без согласност од Конгресот. Подароците со вредност над 480 долари се сметаат за сопственост на американскиот народ, а функционерите можат да ги задржат само ако ги откупат по пазарна цена, според податоците од Претседателската библиотека и музеј Роналд Реган.

Трамп неодамна го критикуваше „Боинг“ поради доцнењето на испораката на два нови претседателски авиона, договорени во рамки на зделка од 3,9 милијарди долари. „Не ми се допаѓа што доцнат толку многу. Нема оправдување за тоа“, изјави тој во февруари. Според Си-Ен-Ен, вршителката на должноста шеф на набавки на американските воздухопловни сили, Дарлин Костело, изјави пред Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом дека испораката на двата авиона може да се одложи до 2027 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен