Изминатата седмица донесе благ пад на американскиот пазар на акции, откако уште едно заседание на Федералните резерви (ФЕД) помина без очекуваното намалување на каматните стапки, што го прекина двонеделниот растечки тренд.
Иако негативниот сентимент беше ублажен од неколку позитивни вести на полето на трговската политика, берзите за првпат по крајот на март регистрираа минимални промени. Индексот S&P 500 падна за 0,5 проценти, додека технолошкиот индекс Nasdaq изгуби 0,3 отсто од вредноста.
Како што и се очекуваше, ФЕД ги задржа каматните стапки во опсегот од 4,25 до 4,50 отсто, каде што се наоѓаат уште од декември. Сепак, институцијата предупреди на зголемен ризик од стагфлација – комбинација од економска стагнација и висока инфлација. Пазарот сега проценува дека е многу веројатно истата одлука да се донесе и на следната седница.
Претходно, инвеститорите очекуваа прво намалување на каматите во јуни, но по мајското заседание и изјавите на претседателот Џером Пауел, шансите за тоа се сведени на само 20 проценти.
ФЕД нагласи дека „неизвесноста во врска со економските перспективи е дополнително зголемена“ и дека одборот „внимателно ги следи ризиците за двојниот мандат – ценовна стабилност и вработеност – кои сега се поизразени“.
ФЕД остана во режим на „чекање нови податоци“, особено поврзани со трговската политика на САД. Новите трговски мерки биле „значително посилни од претходните прогнози на централната банка“. И покрај намалувањето, инфлацијата сè уште е над таргетираните нивоа, поради што, според ФЕД, не постојат услови за „превентивно намалување на каматите“.
Оваа недела ќе бидат објавени податоци за инфлацијата во април. Аналитичарите очекуваат месечен пораст од 0,3 отсто и кај вкупната и кај базичната инфлација, додека годишната инфлација се очекува да остане стабилна на 2,4 проценти.
И додека монетарната политика останува затегната, особено имајќи ги предвид односите меѓу Белата куќа и ФЕД, беше постигнат значаен напредок во трговската политика.
САД и Велика Британија објавија прв значаен трговски договор. Иако американската администрација ја задржа царината од 10 проценти за најголемиот дел од британскиот увоз, новиот договор ги намали или укина царините за одредени категории – вклучувајќи автомобили, челик и алуминиум.
Царината за увоз на автомобили беше намалена од 25 на 10 отсто, со квота од 100.000 возила. Царините за челик и алуминиум, исто така од 25 проценти, беа целосно укинати.
Позитивни реакции пристигнаа и по најавата за обновување на преговорите меѓу САД и Кина, кои се одржаа изминатиот викенд во Швајцарија. Првичните информации велат дека е постигнат „значаен напредок“, а американските претставници разговорите ги оценија како „продуктивни“, со одреден степен на договор – иако без конкретни детали. Кинеската страна, пак, нагласи дека е постигнат „важен консензус“.
Во наредните денови се очекува објава на деталите, кои би можеле да станат основа за постепено нормализирање на трговските односи меѓу двете најголеми светски економии, откако претходните високи царини речиси ја замрзнаа меѓусебната размена.