Црешите како злато – Какви се цените во светот?

Сезоната на цреши во 2025 година е обележана со огромни ценовни разлики низ Европа и светот, пред сè поради неповолните временски услови, намалениот род и зголемената побарувачка на меѓународниот пазар. Од луксуз на пазарите во Западна Европа до нешто попристапни цени во земјите производителки – црешите и годинава остануваат овошје што не се купува без да се провери паричникот.

Во Шпанија, една од водечките извознички на цреши, првичните цени за црешите од стакленици достигнаа и до 75 евра за килограм, но подоцна се стабилизираа на околу 35 евра, со зголемувањето на понудата.

Во Бугарија, доцниот пролетен мраз значително го намали приносот, па цените достигнаа 48 лева (околу 24,50 евра) за килограм – рекордно ниво за оваа земја.

И Турција, уште еден голем извозник, се соочува со сличен проблем – временските услови го намалија приносот, а се очекува раст на цените и до 50% во споредба со лани.

Во Украина, пролетните мразеви ги оштетија раните сорти, а пазарните последици сè уште се проценуваат.

И во Македонија, цените се далеку од пристапни. На пазарите низ земјава, цената на килограм цреши веќе надминува 1300 денари – сума која е неприфатлива за голем дел од граѓаните. Иако сè уште е почеток на сезоната, ваквите цени веќе испраќаат јасна порака: црешите стануваат сè поретка привилегија.

Во Србија се нешто поефтини и може да се набават по цени до 500 денари.

На азиските пазари ситуацијата е подеднакво нестабилна. Во Кина, црешите се продаваат по околу 6,91 долар (6,21 евро) за килограм, што е релативно прифатливо во споредба со Европа.

На Тајланд, увозните цреши од Нов Зеланд достигнуваат цена и до 58,98 долари (52,98 евра) по кутија, во зависност од квалитетот и потеклото.

Во Узбекистан, каде сезоната допрва почнува, првите цреши се продаваат по 80.000 до 100.000 соми за килограм, што е околу 6,15 до 7,70 долари (6,92 евра).

Според податоци на сајтот Cherry Times, светскиот пазар на цреши во 2023 година вредел 62,5 милијарди долари, а се очекува до 2030 година да расте по стапка од 7,3% годишно.

Овие податоци јасно покажуваат дека црешите стануваат сè побарано, но и сè поскапо овошје – луксуз што сè помалку луѓе може да си го дозволат.

Зачлени се на нашиот е-билтен