Берлин е град кој ја доживеа поделбата и повторното обединување на една нација и нè потсетува дека вистинската сила на Европа не се ѕидовите, туку мостовите, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц на кој воедно му се заблагодари за честа што е првиот европски лидер кој го прима во Берлин, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер се задржа на темите за кои разговарале со Мерц, за „новата геополитичка реалност во која Европа мора да биде обединета“, за војната во Украина, за мигрантското прашање, билатералните односи, економијата, за соработката со САД итн.
За мигрантското прашање рече дека не е само хуманитарно, туку е и „големо прашање на националната безбедност и поради оваа причина е потребно уште поблиско партнерство меѓу Атина и Берлин, со приоритет на ефикасната соработка меѓу двете држави“.
„Свесен сум дека постојат проблеми со секундарните бранови. Водиме отворена дискусија со германската Влада. Не се имаме согласено за сè во врска со рамката за разбирање на овој проблем, но пристапувам кон ова прашање со разбирање од германска страна, исто како што барам соодветно разбирање од Германија за тоа што значи да се биде во тешка позиција на чување на надворешните граници на Европа. Сепак, со добра волја и преку рамка на соработка меѓу нашите надлежни министерства, верувам дека ќе дојдеме до решенија што ќе бидат заемно корисни“, рече Мицотакис.
На новинарско прашање за можната продажба на воени авиони Eurofighter од Германија за Турција, Мицотакис рече дека не е работа на премиер, „гостин во голема земја како Германија, да укажува на начинот на кој Германија ќе продава вооружени системи“, но изрази надеж дека ќе постои разбирање во однос на потребата од такви продажби, како и дека „потенцијалните идни партнерства во одбраната да исполнат одредени основни предуслови“.
„Овие предуслови се поврзани со фактот што третите земји кои сакаат некако да бидат поврзани со Европа во однос на одбраната треба да покажат, ако ништо друго, високо ниво на усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика или – зошто да не – да потпишат договор за соработка во одбраната со Европската Унија. Односно да постои рамка во која ќе се земат предвид особеностите на сите земји-членки“, рече Мицотакис.
На прес-конференцијата, одговори и на прашање поврзано со слободата на медиумите во Грција, велејќи дека „конечниот судија за владеењето на правото во земјата е Европската комисија“
М„и изгледа многу чудно кога на некои рангирања што излегуваат од разни невладини организации, мојата земја, која е демократија и функционира многу добро, европска демократија, се наоѓа под африканските земји кои, сепак, не се истакнуваат особено по своите демократски рефлекси. Ве уверувам дека во Грција секој може да каже и напише што сака. Постои апсолутна слобода на изразување“, порача Мицотакис.