Пред најавените преговори помеѓу Русија и Украина во Турција на 15 мај, дипломатската надеж за пробив изгледа сè потешко достижна. Ставовите на двете страни остануваат дијаметрално спротивставени, а заканите, ултиматумите и повторувањето на веќе отфрлени предлози само дополнително ја поткопуваат веројатноста за напредок.
Сè уште не е сигурно дали средбата воопшто ќе се одржи. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека е подготвен на средба само со рускиот претседател Владимир Путин. Меѓутоа, Кремљ досега не потврди дали Путин ќе присуствува, а според украинското законодавство, директни преговори со него се забранети. Во исто време, Русија не го признава легитимитетот на Зеленски, со образложение дека му истекол мандатот.
Дипломатската активност се засили по 8 мај, кога Доналд Трамп се закани со санкции ако не се воспостави 30-дневен прекин на огнот. Потоа, на 10 мај, лидерите на Германија, Полска, Франција и Велика Британија го посетија Киев и ѝ упатија на Русија ултиматум: прифатете безусловен прекин на огнот до 12 мај, или ќе следат нови санкции и дополнителна воена поддршка за Украина.
Британскиот премиер Киер Стармер изјави: „Ако Путин е сериозен за мирот, сега има шанса тоа да го покаже.“
Како одговор, Путин предложи директни преговори на 15 мај во Турција – како продолжение на прекинатите разговори во Истанбул од март 2022 – но без никаква пауза во борбените дејства. Притоа, за првпат официјално го нарече конфликтот „војна“, а не „специјална воена операција“.
„Русија е подготвена за разговори без предуслови. Војната е во тек. Ние не ги прекинавме преговорите, ние сакаме да продолжат. Што има лошо во тоа?“, рече Путин, притоа заблагодарувајќи им се на Кина, Бразил, Африка, Блискиот Исток и „новата американска администрација“ за напорите за мир.
Предлогот го поддржа и Трамп, кој побара од Киев веднаш да ја прифати понудата – што Зеленски и го стори. Иако Трамп изрази желба лично да присуствува на преговорите, на крајот најави дека американскиот државен секретар Марко Рубио и други високи претставници ќе отпатуваат во Истанбул, дури и ако Путин не се појави.
Ставовите остануваат тврди
Кремљ потврди дека на 11 мај Путин разговарал со турскиот претседател Ердоган, кој вети поддршка за преговорите. Но, рускиот транскрипт го изостави повикот на Ердоган за „сеопфатен прекин на огнот“ како предуслов за мир.
Москва инсистира дека преговорите треба да се водат без прекин на огнот, тврдејќи дека Украина би го искористила времето за реорганизација и повторно вооружување. Во меѓувреме, САД испратија стотици ракети со долг дострел, а европските лидери отворено зборуваат за испраќање трупи по евентуален прекин на огнот – што ѝ дава на Русија изговор да продолжи со војната.
Специјалниот пратеник на Трамп, Стивен Виткоф, рече дека клучните точки се контролата врз пет региони, пристапот на Украина до Црното Море и Запорошката нуклеарна централа.
„Русија контролира два од тие региони, додека Украина има делумна контрола врз останатите три. Суштината е – што точно се преговара? Линиите на фронт, бројот на трупи или административните граници?“, рече Виткоф за Breitbart.
САД, според него, се заинтересирани за директни преговори, и се разговара за евентуални компромиси во регионите под руска контрола.
Ниту една страна не попушта
Киев одбива да признае каква било трајна руска контрола врз териториите – ги смета за привремено окупирани. Од друга страна, Русија веќе ги внесе Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје во својот устав, а Крим го анектираше уште во 2014 година.
Путин неодамна изјави дека тие територии се „засекогаш руски“, додека министерот за надворешни работи Лавров рече дека „не е прифатливо“ пренесување контрола врз Запорошката централа.
Западот засилува притисок, подготвува нови санкции
Европските земји во меѓувреме се подготвуваат за нов бран санкции. Францускиот претседател Макрон ја нарече понудата на Путин „прв чекор, но недоволен“, и изјави дека „преговорите не можат да претходат на безусловен прекин на огнот“. Макрон повторно најави можност за испраќање европски трупи во Украина.
Германскиот канцелар Мерц рече дека новиот пакет санкции е подготвен и ќе се активира ако неделава не се постигне напредок.
Во Брисел се разгледуваат и начини за заобиколување на можниот вето на Унгарија, чиј премиер Орбан најави дека ќе го блокира продолжувањето на економските санкции. Европската комисија размислува за нова правна рамка за употреба на замрзнатите 200 милијарди евра руски средства и воведување царини и контроли на капиталот.
„Сите сме фокусирани на План А. Но, се водат разговори и за правна основа за алтернативни опции“, изјави неименуван европски дипломат за Financial Times.
Додека се продлабочуваат рововите на бојното поле, и реториката на големите сили станува поостра, јасно е дека во Истанбул нема да се случи чудо – барем не без тешки и конкретни отстапки од обете страни.