Тие не зборуваат, не се жалат, немаат шефови, синдикати или слободни денови. И сепак, секој ден – совршен ред. Секоја пчела знае што ѝ е задача, некои ја чуваат кошницата, други собираат нектар, трети ја ладат внатрешноста со треперење на крилцата. Тоа е свет каде трудот е природен, а хаосот – невозможен.
Соња ТАНЕСКА
„Пчелите имаат огромна, можеби и гласовна улога во биодиверзитетот. Тие се главните опрашувачи, и без нив, природата би била тивка пустелија“, вели Митко Севриевски, млад пчелар кој уште од 2020 година го гради својот свет околу кошниците. „За жал, дивите пчели ги снемува. Човековото влијание и климатските промени го прават своето.“
Една пчела лета и до 5 километри за да најде цвет. Но кога цветот доцни, или врне ненадејно, пчелата се враќа со празни „раце“. Климатските промени влијаат директно врз ритамот на цветањето и приносот. Според Обединетите нации, 75% од земјоделските култури зависат од пчелите. Без нив – ни мед, ни јаболка, ни домати.
„Научив две работи од пчелите“, вели Митко. „Прво – без дисциплина нема напредок. Второ – животот не е само стрес. Пчелите се мирни, и нè учат да уживаме.“
Кога пчелата боцнува
Пчелите се мирни – сè додека не се почувствуваат загрозени. Во секоја кошница постојат чувари, чија задача е да реагираат на најмала закана.
„Кога ќе го отвориш сандакот, се активира алармот. Тогаш може да бидат поагресивни“, објаснува Митко. И токму тие поагресивни заедници – носат повеќе мед. Не затоа што се повредни, туку затоа што го штитат својот труд од грабежи – оси, туѓи пчели, или луѓе.
Во разговорот за Рацин.мк, Митко вели дека секој мед има свој потпис.
-Неговата боја, густина и вкус зависат од местото и сезоната. „Имам два пчеларници во органска средина, далеку од луѓе и фабрики. Таму има чаеви, дива дракја, багрем… тој биодиверзитет го прави медот уникатен“, вели пчеларот. Медот може да биде ливадски, планински, багремов, па дури и боров, додава тој.

Климатската криза и лажниот мед: закани за пчелите и за нас
„Денеска пчеларството се соочува со две тивки, но жестоки закани,“ вели пчеларот Митко Севриевски. „Првата – климатските промени – директно го менуваат природниот ритам на пчелите. Цветањето се поместува, сезоните стануваат непредвидливи, а приносот се намалува.“
Втората закана доаѓа од маркетите – во теглите со „мед“. Но тој сè почесто е само визуелна копија. „Лажен мед се продава како вистински, а е направен во подруми, од пченкарен или оризов сируп, со ароми и вештачки засладувачи. Лажат за потеклото, за квалитетот – и за она што вистинскиот мед го носи како благодет,“ предупредува Севриевски.
Но, неговите пчели се далеку од тие опасности.
„Моите пчеларници се лоцирани во еден редок, речиси недопрен предел. Пашата е ливадска, но разновидноста е неверојатна – од чаеви до диви лековити растенија, багрем и драка. Тука нема урбан шум, нема фабрики, ниту пестициди – само природа, чиста и дива.“
Тоа влијае и на медот. Неговите видови се како мапа на теренот: багремов, ливадски, шумски, планински, па дури и боров. Секој со различен вкус, боја и густина.
„Пашата е таа што го одредува медот. Како што вели природата – така пчелите слушаат. А ние само внимаваме да не ѝ пречиме.“
Во маркет, медот може да чини 250 денари. На етикетата ќе пишува „Произведено во ЕУ и/или трети земји“. Што значи тоа? „Можеби е мешавина од кинески и украински мед, без контрола“, вели Митко.
Европската комисија потврди дека речиси половина од увезениот мед е фалсификуван – со додадени сирупи од шеќерна трска или ориз.
„Визуелно не можеш да препознаеш дали медот е чист“, вели тој. „Само лабораторија може да открие дали има пестициди. Кога околните земјоделци прскаат, пчелите први умираат.“

Љубов, не профит
„Сè уште сум вљубен во пчелите. Ова не е само работа – ова е животна филозофија. Велат дека пчеларите не живеат од медот, туку од љубовта кон пчелите“, вели Митко со насмевка.
И можеби затоа, токму тие – малите, тивки работнички – се нашите најважни сојузници во борбата за здрава планета. Тие не зборуваат. Но секое нивно жужкање е порака: „Чувајте нè – ние ве храниме.“