Под органско производство во Србија се наоѓаат само два отсто од вкупната површина под лековити билки, поради што во иднина треба да се работи на развој на овој сектор, изјави денеска Татјана Бранков, посебна советничка на министерот за земјоделство, на Меѓународниот земјоделски саем во Нови Сад.
„Секторот за хортикултура не е доволно развиен. Постојат барања за овие производи, ние во голема мера увезуваме – трговскиот дефицит минатата година изнесуваше 30 милиони евра. Малку подобра е состојбата со лековитите билки, каде имаме суфицит од пет милиони евра“, изјави Бранков на конференцијата „Украсни и лековити билки – потенцијали за нова вредност во земјоделството“.
Таа додаде дека Министерството ќе продолжи да го поддржува овој тип производство.
„Постојат неколку приоритети на кои треба да се работи во наредната деценија – поддршка за урбано градинарство, алтернативни и егзотични видови, како и мапирање на подрачјата кои се занимаваат со хортикултурно производство“, нагласи Бранков.
Колинда Хрехоровиќ, раководителка на групата за овошје, зеленчук и алкохолни пијалаци во секторот за земјоделска политика, објасни дека конференцијата е фокусирана на потребата од засилување на поддршката за да биде Србија поконкурентна во хортикултурниот сектор.
„Првата презентација се однесува на тековната состојба со хортикултурата и ќе ги претстави статистичките податоци и надворешно-трговската размена. Вториот дел ќе ги обработи неискористените сегменти и мерките за поддршка кои Министерството ги нуди за овој сектор“, рече Хрехоровиќ.
Таа додаде дека во Србија постојат две категории цвеќе – плантажно и лековито во Војводина, и самоникнато цвеќе во брдско-планинските подрачја, кое има голем потенцијал.
Директорот на Институтот за лековити билки, Милан Лукиќ, потсети дека Србија во осумдесеттите години била еден од најголемите извозници на лековити билки, но денес пазарот не е на завидно ниво.
„Институтот постои 77 години и има над 150 вработени. Имаме многу производи кои ги извезуваме и сакаме да продреме на пазарите во ЕУ, но се соочуваме со проблем со работната сила“, заклучи Лукиќ.