Растот на македонскиот БДП се предвидува постепено да забрзува во 2025 година, поддржан од големите јавни инфраструктурни проекти и зголемената потрошувачка на домаќинствата, како резултат на силниот раст на платите и намалувањето на инфлацијата, се наведува во Економската прогноза „Пролет 2025“ на Европската комисија во делот посветен на земјава.
- Растот на БДП забрза во 2024 година, поттикнат од инвестициите и јавната потрошувачка. Вкупната инфлација продолжи да опаѓа, но сепак повторно се зголеми кон крајот на годината, главно поради базните ефекти, се наведува во прогнозата.
Според ЕК, реалниот македонски БДП во 2024 година се зголемил за 2,8 отсто, на што покрај растот на инвестициите и јавната потрошувачка, влијание имало и зголемувањето на платите во јавниот сектор.
- Придонесот на надворешниот трговски биланс кон растот беше негативен поради забавувањето на извозот, во голема мера како резултат на слабоста на германската економија, најголемиот трговски партнер на Северна Македонија. Буџетската сметка во 2024 година повторно се врати во дефицит, бидејќи се влоши трговската размена на стоки, а се намалија и дознаките од странство, се наведува во документот.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ЕК додава дека фискалниот дефицит во 2024 година се покажал помал од ревидираната цел на Владата, делумно поради недоволна имплементација на капиталните расходи.
- Иако постепено ќе се намалува во текот на прогнозниот период, фискалниот дефицит веројатно ќе остане над четири отсто од БДП и во 2025 година, бидејќи недостасуваат конкретни мерки за зголемување на приходите, додека тековните расходи се очекува значително да се зголемат, се оценува во документот.