Сомнежот е дека Владата можеби сака да избегне надворешна контрола врз буџетот и политиките. Заем преку приватен партнер овозможува поголема слобода но и поголем ризик. Ако некој приватен фонд нуди „поволна камата без прашања“, тоа звучи атрактивно – но е ризично и невообичаено за државно задолжување.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека новото задолжување, што го најави премиерот Мицкоски како дел од договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, не само што е економски сомнително, туку и политички антиевропско.
Тој изрази голема загриженост за недостигот од транспарентност и информации за содржината на договорите за нов кредит од 6 милијарди евра.
„Владата е должна веднаш да излезе со повеќе информации, бидејќи досега нашата земја не потпишала ваква рамка за толкава сума пари со ниту една институција, со ниту една влада. Се работи за огромни суми пари, камати кои не знаеме колкави се, а кои ќе ги враќаат следните генерации“, кажа Филипче.
Се чини овој пат „некои прашања заслужуваат одговор“ ако се има предвид дека износот од 6 милијарди евра го надминува државниот буџет и дека мора да се утврди потеклото на парите.
„Дали се британски парите и директно од британската Влада или станува збор за фонд што е лоциран во Велика Британија, а располага со пари од некоја друга земја?
Прашањето е на место затоа што факт е дека во Обединетото Кралство постојат приватни и полудржавни финансиски институции и инвестициски фондови, но ниту една директно не е создадена за развојно финансирање на странски влади, како што тоа го прават Светска банка или Европската инвестициска банка.
Не мора да сте голем финансиски експерт за да прогуглате и да нјадете кои се потенцијални извори на финансирање од Обединетото Кралство. Постојат владини фондови и приватни фондови
UK Export Finance (UKEF) е Владин орган кој обезбедува гаранции и осигурување за британски компании кои учествуваат во меѓународни проекти. Може да се вклучи во проекти ако британска фирма е изведувач. Инаку не дава пари директно на држави без таква компонента. И затоа веќе се говори во економските кулоари дека токму британска фирма ќе ја гради пругата од коридорот 10.
Но информациите говорат дека постојат и т.н. Фондови со приватен капитал (Private Equity / Infrastructure Funds). Како што се British International Investment), Macquarie UK, Blackstone UK.
Овие фондови инвестираат во инфраструктура, енергија, јавни приватни партнерства, но бараат висока повратност, приватен интерес и често бараат концесии.
Тоа се фондови кои даваат кредити на држави или јавни компании под услови пофлексибилни од класичните банки – но и со поголема камата.
Оттаму и оправданата загриженост кај лидерот на СДСМ Филипче затоа што товарот ќе паден врз граѓаните кои треба да ги враѓаат со децении.
Она што прво паѓа во очи зошто оваа Влада постојано се задолжува од држави, а не од познати меѓународни финансиски институции како Светка банка, Европската инвестициска банка или ЕБРД, ММФ?
Па веројатно поради строгите услови и контрола. Тие инсистираат на транспарентност, јавни тендери, антикорупциски стандарди и често бараат структурни реформи како услов за кредитирање.
Она што наведува дека зад кредитот од Велика Британија стои намерата за политички „брзи пари“ е фактот што парите позајмени од јавните финансиски институции се „бавни“, односно постапката е бавна. Имено, одобрувањето трае со месеци (поради технички анализи, оценки за влијание, јавни консултации, а така не се создава брз политички ефект.
Оттаму и сомнежот дека Владата можеби сака да избегне надворешна контрола врз буџетот и политиките. Заем преку приватен партнер овозможува поголема слобода но и поголем ризик. Ако некој приватен фонд нуди „поволна камата без прашања“, тоа звучи атрактивно – но е ризично и невообичаено за државно задолжување.
Но освен економските и финансики ризици ваквиот кредит отвора простор за Геополитичка загриженост.
Филипче не случајно алудира дека средствата може да доаѓаат од “проблематични” извори, како Кина, преку трети држави.
Во услови на глобална геополитичка поларизација како САД–ЕУ – Кина–Русија, заем од кинеска банка би можел да создаде политичка зависност како пречки за евроинтеграцијата, особено ако договорот е нетранспарентен.
Филипче сѐ уште нема изнесено докази, но ако навистина има индиции дека заемот доаѓа од такви извори, неговата загриженост е од стратешка важност.
Сепак треба да се почека и да се види за каков заем станува збор, затоа што е можно да се работи за легални и легитимни средства.
Потенцијални предности на овој кредит е брзата мобилизација на средства.
Владата добива директен пристап до голем капитал со условно дефинирана намена. Британска фирма може да понуди квалитет, безбедност и експертиза кои се над националниот просек. Подобро е заемот да е од Обединетото Кралство отколку од Кина или Русија, барем според ЕУ стандардите, што значи Геополитичка ориентација кон Запад.
Ова недвојбено асоцира на приказната со Бехтел и Енка, но во обратна насока.
ВМРО беше тогаш жесток критичар, а сега се наоѓа во иста позиција да брани сличен или можеби уште понетранспаренетн проект со сомнителни пари.
Политички, ова го става ВМРО-ДПМНЕ во позиција да ги брани методите кои самите ги критикуваа, додека СДСМ сега ги користи истите аргументи што некогаш ги слушаше од опозицијата.
Разликата е во изворот на средствата Владата на СДСМ отпочна проект со Домашен буџет и кредити, досека сега станува збор за огромен кредит од надвор. -директен заем и можеби во обемот – 6 милијарди евра што е рекордно висока сума за Македонија.