Германија се откажа од своето долгогодишно противење на нуклеарната енергија, што претставува прв конкретен знак за приближување на новата германска влада, предводена од канцеларот Фридрих Мерц, со Франција.
Берлин му сигнализираше на Париз дека повеќе нема да ги блокира француските напори нуклеарната енергија во законодавството на ЕУ да се третира рамноправно со обновливите извори на енергија, според тврдењата на француски и германски претставници, пишува Financial Times, а пренесува Klix.
Овој потег решава голем спор помеѓу двете земји кој го одложуваше донесувањето на одлуки за енергетската политика на ЕУ.
„Германија ни порачува: ќе бидеме многу прагматични кога станува збор за нуклеарната енергија“, изјавил висок француски дипломат вклучен во преговорите. Тоа значи дека „сите предрасуди против нуклеарната енергија, кои сè уште се присутни во законодавството на ЕУ, ќе бидат отстранети“.
„Ова ќе претставува радикална промена на политиката“, изјавил германски официјален претставник.
Промената доаѓа во момент кога Мерц настојува да најде начин Германија да стане дел од францускиот нуклеарен штит како одвраќање од идни руски агресии. „Сега конечно сме отворени за разговори со Франција за нуклеарното одвраќање во Европа. Подобро некогаш отколку никогаш“, додал истиот германски претставник.
Доближување што ќе ја олесни енергетската агенда во ЕУ
„Тоа е добредојдено приближување што ќе ги олесни енергетските прашања во ЕУ“, изјавил Гунтрам Волф, висок соработник во тинк-тенкот Bruegel. „Политички гледано, Мерц размислува и за нуклеарен чадор.“
Германскиот пресврт по прашањето на нуклеарната енергија е дел од напорите на Мерц за обновување на француско-германската соработка, која е предуслов за носење клучни одлуки на ниво на ЕУ, а која беше во застој за време на поранешниот канцелар Олаф Шолц.
„Кога Франција и Германија ќе се договорат, Европа многу полесно напредува“, рекол Ларс-Хендрик Релер, професор на деловното училиште ESMT во Берлин и поранешен главен економски советник на Ангела Меркел. „Иако сè уште постојат бројни предизвици, верувам дека ова прашање ќе се реши.“
Мерц, кој победи на изборите во февруари, ја критикуваше одлуката Германија да се откаже од нуклеарната енергија во 2011 година, донесена под водство на неговиот партиски ривал Меркел, тврдејќи дека земјата така останала без евтина и сигурна електрична енергија.
Тој, исто така, го критикуваше својот претходник Шолц поради затворањето на последните три нуклеарни централи во Германија дури и во момент кога земјата се соочуваше со високи цени на енергијата. Иако не планира повторно отворање на нуклеарни централи, тој вети инвестиции во нови технологии, вклучувајќи мали модуларни реактори и нуклеарна фузија, која, за разлика од фисијата, не создава долгорочен нуклеарен отпад.
Ново енергетско партнерство со Франција
Новото француско-германско сојузништво за енергијата се потпира на растечката поддршка за нуклеарната енергија откако цените на гасот достигнаа рекордни нивоа поради конфликтот меѓу Русија и Украина.
Со овој потег, Австрија останува единствената земја-членка на ЕУ која и понатаму цврсто се противи на нуклеарната енергија. Земји како Холандија и Белгија ја обновија својата посветеност на атомската енергија, иако претходно најавија затворање на реакторите.
Во писмо испратено до Европската комисија во петокот, а кое го видел Financial Times, министрите од 12 земји-членки на ЕУ кои располагаат со нуклеарни реактори наведуваат дека е „од клучна важност“ ЕУ да ја признае „комплементарната природа на нуклеарната и обновливата енергија“.
Тие побараа ажурирање на постојаните истражувања во нуклеарниот сектор на Унијата, за да се отвори простор за државна помош за нуклеарни проекти и да се испрати „јасен сигнал“ до компаниите и инвеститорите за предностите на атомската енергија.
Германија, која минатата година покри над 60% од својата потрошувачка на електрична енергија со обновливи извори, долго време се спротивставуваше на обидите на Париз нуклеарната енергија да се смета за „зелена“. Франција, пак, околу 70% од електричната енергија ја добива од нуклеарни централи.
Германските стравувања и новата реалност
Дел од загриженоста на Берлин произлегуваше од стравот дека француската индустрија ќе добие конкурентска предност благодарение на нејзината флота од 56 реактори, додека германската индустрија и натаму се справува со последиците од високите цени на гасот по прекинот на испораките на евтин руски енергенс.
Тоа беше и идеолошко прашање во Германија, каде Зелените, партија што се противи на нуклеарната енергија, беа дел од владата на Шолц.
Напнатите односи доведоа до долги расправи за вклучување на поимот „нискојаглероден“ – што често се користи како синоним за нуклеарна енергија – во законските текстови на ЕУ, особено во оние што се однесуваат на обновлива енергија и производство на водород, кој Берлин го смета за клучен енергент за декарбонизација на германската индустрија.
Макрон: да се укине дискриминацијата
„За да ја обезбедиме нашата енергетска сувереност со почитување на националните избори, повикуваме на укинување на секоја дискриминација на европско ниво кон нискојаглеродните извори на енергија, без разлика дали станува збор за нуклеарна или обновлива енергија“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон за време на посетата на Мерц на Париз на 7 мај.
На пример, новата германска позиција значи дека водородот произведен од нуклеарна енергија сега треба да се третира рамноправно со оној произведен од ветер или сончева енергија, додаде Макрон.