Порталот Рацин.мк излегува од агрегаторите на вести во име на заштитата на авторските права и трудот на медиумските работници

Порталот Рацин.мк се придружи кон иницијативата на Здружението Онлајнмедиа.мк и заедно со останатите онлајн портали потписници, ја прифати одлуката сите агрегатори во Македонија да бидат известени дека онлајн медиумите потписници бараат да бидат отстранети од понатамошното агрегирање на нивните содржини на агрегаторите почнувајќи од 21 мај 2025 година.

Рацин.мк ја прифати оваа иницијатива во име на усогласување со законските измени кои се однесуваат на авторските права на новинарските содржини и на регулирање на односите со сите агрегатори со кои во иднина би се постигнале нови договори за условите и критериумите под кои ќе се преземаат содржините од онлајн медиумите, како и во име на солидаризирање со заедницата на олнлајн медиуми во Северна Македонија.

Ценејќи го значењето на новото уредување на релациите меѓу креаторите на медиумските содржини и агрегаторите, порталот Рацин.мк ќе учествува во процесот понатаму со цел да се унапредат условите за работата на онлајн медиумите, за соодветно вреднување на трудот на новинарите и медиумските работници и за заштита на авторските и сродните права согласни домашната и европска регулатива.

Почитувани читатели, корисници на нашите медиумски содржини и следбеници на социјалните мрежи,

Искрено веруваме дека нашите читатели и корисници на медиумските содржини ќе ја разберат нашата одлука. Во периодот што следи содржините на Рацин.мк нема да бидат меѓу насловите на агрегаторите на вести.

Додека не се уредат односите со агрегаторите на вести, до нашите медиумски продукти ќе имате пристап директно на нашиот портал Рацин.мк, преку линковите на социјалните мрежи или преку глобалните пребарувачи како Гугл и другите.

Порталот Рацин.мк и понатаму останува доследен на својата определба да го заземе своето место во медиумскиот простор како портал со мисија да понуди информации, длабински анализи и други медиумски формати коишто, во светот преплавен со дезинформации, ќе им обезбедат на читателите содржини на кои ќе им веруваат.

Зоран Бојаровски, главен уредник

Зачлени се на нашиот е-билтен