Бидејќи сè уште не е објавено е точниот рок на отплата, односно нема официјални информации за времетраењето на отплатата на средствата, за висината на каматната стапка, како и детали за отплатниот план, заемот од 6 милијарди евра, во зависност од условите, може да ги чини граѓаните од 1,6 до 3 милијарди евра.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Министерот за транспорт Александар Николовски денеска во Лондон го потпиша договорот за Стратешко партнерство кое вклучува кредит од шест милијарди евра.
Она што е досега познато е дека Договорот предвидува инвестициски циклус од околу 6 милијарди евра, насочен кон инфраструктурни проекти во секторите здравство, транспорт, технологија, енергетика и дигитална трансформација.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека средствата ќе бидат искористени за модернизација на железничката инфраструктура, изградба на нови болници и други значајни проекти. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска пак изјави дека средствата ќе се повлекуваат согласно реализацијата на проектите. Каматната стапка сè уште е во фаза на преговарање, но се очекува да биде слична на онаа кај договорите со други меѓународни институции, а тоа значи таа може да биде фиксна или варијабилна.
Но она што сè уште не е објавено е точниот рок на отплата, односно нема официјални информации за времетраењето на отплатата на средствата, за висината на каматната стапка, како и детали за отплатниот план.
Стандардна процедура во вакви случаи е рокот на отплата да биде меѓу 10–30 години, зависно од типот на проектите.
Грејс периодот е околу 2–5 години, во кој се плаќа само камата, а не и главницата.
Ако Македонија земе кредит од 6 милијарди евра со рок на отплата од 20 години и каматна стапк од 2.5%, и ануитетна отплата (еднакви годишни рати), тогаш годишната рата би изнесувала приближно 382 милиони евра, или, Македонија би требала да врати вкупно со камата 7.64 милијарди евра по 20 години.
Доколку рокот на отплата биде договорен да биде 30 години и стандардна годишна каматна стапка од 3%, тогаш годишната отплата би изнесувала околу 306 милиони евра или вкупно граѓаните ќе мора да вратат над девет милијарди евра.
Кога станува збор за меѓудржавни кредити или финансиски договори од типот „стратешко партнерство“ помеѓу држава и Обединетото Кралство, вообичаено се применуваат одредени стандардни клаузули. Таквите договори често не се класични кредити, туку хибриди од договори за финансирање проекти.
Обединетото Кралство преку UKEF (UK Export Finance) не дава директен кредит на државата, туку финансира проекти преку британски компании и обезбедува гаранција за заемот што го дава трета страна (банка), а државата го враќа.
Доколку македонската Влада навистина се повикува на таков модел, тоа значи дека договорот може да не биде класичен заем, туку модел со повлечени средства по фази со обврски за конкретни проекти, изведувачи и надзор.
Владата мора да обезбеди суверена гаранција т.е. државата да стои зад обврските.
Набавките мора да се вршат согласно меѓународни стандарди, на пример FIDIC, како што беше случај со Бехтел и Енка, или пак да бидат британски или ЕУ регулативи, и да вклучуваат надворешни ревизии и надзорни тела при што може да се бара ангажман на консултанти или ревизорски куќи како PwC, Deloitte.