Советот на Европската Унија и Европскиот парламент постигнаа привремен договор за воведување на нов Систем за влез и излез (Entry/Exit System – EES), кој ќе се применува на граничните премини на Шенген зоната и ќе ги опфаќа и граѓаните на Македонија.
EES е дигитална замена за досегашното рачно печатирање пасоши и ќе обезбедува автоматска евиденција за влез и излез на државјаните од трети земји, односно сите кои не се членки на ЕУ. Новиот систем ќе регистрира податоци од патните документи, отпечатоци од прсти и фотографии од лицето на патниците.
„Благодарение на овој договор, земјите-членки ќе можат да имплементираат нов систем за управување со границите, што ќе ги поддржи нашите напори за одржување на безбедноста“, изјави полскиот министер за внатрешни работи Томаш Сјемоњак, пренесе официјалната веб-страница на Советот на ЕУ.
Според договорот, воведувањето на EES ќе се одвива постепено. Првиот месец, системот ќе биде активен на најмалку 10% од граничните премини, а во првите 60 дена ќе се користи без биометриски функции. До третиот месец, најмалку половина од премините ќе мора да вршат и биометриски проверки.
Системот ќе се применува во 29 европски земји, меѓу кои се и сите членки на Шенген зоната. Печатирањето на пасоши ќе продолжи паралелно, сè додека не се комплетира дигиталната трансформација.
Иако не е утврден точен датум за старт, според најавите на агенцијата eu-LISA, задолжена за техничката имплементација, системот се очекува да почне со работа во октомври 2025 година.
Во ситуации на преголем метеж или вонредни околности, земјите-членки ќе имаат право привремено да го суспендираат користењето на EES на одредени гранични премини, целосно или делумно.
По целосното активирање на EES, следниот чекор ќе биде воведувањето на системот ETIAS (Европски систем за информации и овластување за патување), планиран за крајот на 2026 година. Тој ќе бара сите патници од трети земји, вклучително и од Македонија, однапред да побараат дозвола за патување во ЕУ, која ќе чини седум евра.
EES ќе се користи во:
Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.
Кипар и Ирска засега ќе останат со рачно печатирање, но исто така ќе бараат ETIAS овластување за влез.
Со новите дигитални алатки, ЕУ ја зајакнува контролата и безбедноста на своите надворешни граници, стремејќи се кон комплетна дигитализација на граничните процедури до 2026 година.