Калас од Скопје: Работиме на механизми за деблокада на евроинтегративниот процес

Каја Калас принт скрин Н1
Каја Калас принт скрин Н1

Европската Унија останува силен поддржувач на евроинтегративниот пат на Северна Македонија и таа припаѓа во европското семејство, порача високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас која денеска (23 мај) престојува во официјална посета на Скопје.

Таа повтори дека државата треба да ги заврши веќе преземените обврски и да направи сѐ за да профункционира веќе договорениот план А со ЕУ. Доколку тоа не се случи, Калас вели дека ќе се премине кон друг план.

„Патот до членството не е лесен, но останете на тој правец, преземете ги чекорите кои водат до отворање на поглавјата, а ние како ЕУ ќе и даваме поголема поддршка на Северна Македонија. Напредокот може да е брз, само ако за тоа има политичка волја. Ние веруваме дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е најдобар рецепт за мир во регионот“, изјави Калас на заедничката прес-коференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Таа ги пофали напорите на земјава во остварување на реформската агенда, а земјава ја нарече сигурен партнер за регионалната безбедност затоа што успешно ги усогласила македонските закони со европските во областа на безбедносната политика.

Северна Македонија ги сака и стратешкиот партнер САД и стратешката цел ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски повтори дека евроинтеграциите треба да се темелат на европски вредности, а не на билатерални прашања. Тој рече дека европската интеграција останува јасна определба на актуелната влада, но побара поголемо разбирање од европските земји членки за ситуацијата во која се наоѓа државата на тој пат.

„Ние припаѓаме во ЕУ затоа што со децении градиме општество со демократски вредности, вложуваме, се жртвуваме, со надеж дека трудот ќе биде препознаен. Ние сме подготвени, ЕУ може да смета на нас, но сега е време и ние да сметаме на ЕУ. Имаме право од појасна потврда од самата ЕУ, оти не сите земји се однесуваат во европскиот дух. Затоа побарав фер третман, побарав Европа да покаже лидерство, да се врати европската верба кај младите, да покажаме дека ЕУ за нас не е затворена, туку жива визија“, рече Мицкоски.

Калас кажа дека со Мицкоски разговарале за можните механизми за деблокада на односите со Бугарија, но детали не сакаше да открие.

„Јасно е дека сакаме Северна Македонија да се придвижи по патот кон ЕУ, знаеме дека има пречки и разговаравме околу механизми за надминување на пречките. Има простор каде може да направиме нешто, но засега не би навлегувала во детали“, рече Калас.

Премиерот Мицкоски најави дека е можна средба на маргините на престојниот самит на НАТО меѓу највисоките претставници на ЕУ, САД, Бугарија и Македонија, на која би се размениле аргумените за можната деблокада на почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

Инаку македонско-бугарските односи се нарушени по бугарското вето за старт на македонските преговори за влез во ЕУ, бидејќи Бугарија не го признава македонскиот јазик и делови од историјата и се жали на дискриминација на свои граѓани во земјава.

Софија во 2022 го повлече ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако Скопје го прифати францускиот предлог кој меѓу другото, предвидува внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав.

На иста линија со Калас беа и пораките од претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, кој минатата недела исто така од Скопје порача дека проширувањето е заедничка цел и дека ова е најдобрата геостратешка инвестиција во мирот и безбедноста и оти местото на Северна Македонија е во Европската Унија.

Првиот човек на Европскиот Совет јасно порача дека постојат обврски кои мора да се реализираат за да се оствари напредок во пристапниот процес на нашата земја. Тоа што е договорено во 2022 година, треба да се исполни, рече Кошта, алудирајќи на обврската за уставни измени, со која Бугарите треба да се вметнат во македонскиот Устав.

Кошта: Не ви треба план Б за влез во ЕУ, фокусирајте се на планот А

За време на посетата на Скопје, предвидено е Калас заедно со министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски и министерот за одбрана, Владо Мисајловски, да учествува на отворањето на дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија во рамките на Партнерството за безбедност и одбрана потпишано во ноември 2024 година.

Овој дијалог, според Министерството за надворешни работи и трговија, „претставува важен чекор во продлабочувањето на соработката меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија во областа на надворешната и безбедносната политика, како и во понатамошната интеграција на земјата во европската безбедносна архитектура“.

Високата претставничка Калас и министерот за одбрана Мисајловски ќе го посетат и седиштето на Балканската медицинска наменска сила во касарната „Илинден“, каде што ќе се сретнат со членовите на Постојаната организација на Балканската медицинска наменска сила (БМНС) и ќе видат дел од опремата набавена од страна на БМНС со поддршка на Европскиот мировен фонд.

Од 2023 година, Советот усвои три билатерални пакети за поддршка во рамките на Европскиот мировен фонд (ЕМФ) за зајакнување на капацитетите на Армијата на Северна Македонија. Со вкупно 38 милиони евра, ЕМФ во моментов ѝ обезбедува на Северна Македонија воена опрема и обука во областа на логистиката, инженерството, разузнавањето, надзорот и извидувањето и електронското војување, мобилноста, комуникациските и информациските системи, медицинската и опремата за обука.

Пред да допатува во Скопје, Калас ги посети Белград и Приштина. Ова е втора посета на Калас на регионот по нејзиното преземање на должноста, откако претходно од 7 до 9 април престојуваше во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

Зачлени се на нашиот е-билтен