Тајван се откажува од нуклеарната енергија: долг пат до енергетска транзиција

Се зголемува противењето на нуклеарната енергија во Тајван, поттикнато од загриженоста за безбедносните ризици и нерешениот проблем со складирањето на радиоактивниот отпад, пишува „Дојче Веле“.

Почетоците: Островот Орхид и „проклетството“ на нуклеарниот отпад

Приказната започнува во 1978 година, кога тајванската влада најави, наизглед безопасен, план за изградба на фабрика за конзервирање риба на островот Орхид (Ланју), населен главно со припадници на домородното племе Тао. Наместо ветената фабрика, островот стана депонија за нуклеарен отпад со ниска радиоактивност – што многумина од жителите денес го нарекуваат „зло“.

Во 1996 година, стотици антинуклеарни активисти го блокираа пристаништето и зградата на државната енергетска компанија „Тајпауер“ на островот, обидувајќи се да спречат испорака на нови буриња со отпад. „Фрлавме камења, имаше судири со вооружена полиција. Не се плашев – бев бесен,“ изјави за ДВ активистот Хсиех Хсинг-чинг.

И покрај повеќекратните обиди за отстранување, повеќе од 100.000 буриња со нуклеарен отпад и денес се наоѓаат на островот. Дури ни јавното извинување на поранешната претседателка Цаи Инг-вен до народот Тао не доведе до нивно дислоцирање.

Крај на ерата на атомската енергија

Овој инцидент стана катализатор на антинуклеарното движење во Тајван. Во мај годинава, земјата почна со затворање на последниот активен нуклеарен реактор, ставајќи крај на повеќедецениската енергетска стратегија базирана на атомска енергија.

Нуклеарните амбиции на Тајван датираат од 1950-тите години, првично како реакција на можната воена закана од Кина. Иако американскиот притисок го спречи развојот на атомско оружје, Тајван успешно воспостави цивилна нуклеарна програма, градејќи три централи со вкупно шест реактори, почнувајќи од 1970 година.

Јавноста против нуклеарната моќ

Во последниве две децении, јавниот отпор против нуклеарната енергија во Тајван драматично се зголеми. Граѓаните изразуваат загриженост поради близината на нуклеарните постројки до густо населени области, како и поради нерешениот проблем со отпадот. Сликите од катастрофите во Чернобил и Фукушима ги разгореа стравовите и дополнително ги мобилизираа антинуклеарните движења.

Како резултат, двете најголеми политички партии во земјата усвоија заедничка политика за постепено напуштање на нуклеарната енергија. Сепак, не сите се согласуваат со оваа насока.

Контроверзии околу иднината

Анџелика Оунг, основач на „Алијансата за транзиција кон чиста енергија“, тврди дека нуклеарната енергија е клучна за енергетската безбедност на Тајван, за намалување на емисиите на стакленички гасови и за одговор на растечката побарувачка. Таа вели: „Нуклеарните централи се подготвени за рестарт. За две години, тоа е остварливо. Тоа е единствениот извор кој може да одговори на моменталните потреби.“

Алијансата објави анкета во која мнозинството граѓани поддржуваат продолжување на животниот век на постојните реактори.

Но, експертот од „Гринпис Источна Азија“, Шон Берни, остро се спротивставува на оваа идеја. Тој нагласува: „Нуклеарниот отпад мора да се изолира од околината најмалку 300 години. Нема никаква гаранција дека Тајпауер ќе постои толку долго, ниту пак дека отпадот нема да протече.“

Според извештај на организацијата од минатата година, бурињата на островот Орхид биле лошо запечатени и препакувани. Иако државната агенција тврди дека проблемите се решени и дека спроведуваат редовни инспекции, „Тајпауер“ одби да коментира. Во нивното промотивно видео се тврди дека отпадот е безбедно складиран, без да се наведуваат евентуалните ризици.

Нерешени предизвици

Во моментов, целиот нуклеарен отпад на Тајван е складиран во деактивирани реактори. Обидот да се извезе отпадот во Северна Кореја пропадна поради противењето на Јужна Кореја и недостатокот на капацитет.

Само неколку земји, како Финска, успеале да изградат трајни подземни складишта. Тајван, пак, сè уште се обидува да ги убеди локалните заедници и домородните народи да прифатат изградба на такви објекти.

„Иако престануваме со користење на нуклеарна енергија, отпадот останува проблем. Процесот на избор на локација е заглавен поради строги регулативи и стравови кај населението“, вели Ли-чун Лин од Центарот за иновативна демократија и одржливост. „Тајпауер мора да вложи повеќе во едукација и транспарентност.“

Домородниот отпор продолжува

Лу Маи, второ поколение антинуклеарен активист од племето Тао, организира протести и денес. И покрај владините ветувања за компензација во износ од 83 милиони долари, тој вели дека заедницата е поделена.

„Најнеправедно е што штетата ја чувствуваме само ние – домородците од оддалечените области. Жителите на копнениот Тајван уживаа во енергијата, а ние останавме со последиците. Треба ли да ја прифатиме оваа закана само затоа што сме далеку од центарот?“ прашува Лу.

Зачлени се на нашиот е-билтен