Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вели дека СДСМ ќе даде поддршка на сите прифатливи решенија за одблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој во интервју за 360 степени повтори дека мора да се искористат сите механизми да се откочи патот.
„Мора да ги искористат сите механизми и рековме ќе дадеме поддршка за било кој предлог којшто ќе биде поприфатлив за нас. Еве, направивме ние тоа што можевме во тој момент и тоа беше максимумот“, рече Филипче.
Тој нагласи дека токму конструктивниот пристап на СДСМ дал видливи резултати и на меѓународен план.
„Сметам дека придобивките од владеењето на СДСМ и нашите политики по однос на ова прашање се јасно видливи“, истакна Филипче.
Како пример го посочи позитивниот развој кај македонското малцинство во Грција по потпишувањето на Преспанскиот договор.
„Во местата каде што живеат Македонци, во последните години, посебно зборувам за периодот по потпишувањето на Преспанскиот договор, Македонците се организираат, организираат прославии се пеат македонски песни“, рече Филипче.
„Тие кажуваат, ‘Ние повеќе немаме проблем поради тоа што нашата влада го призна македонскиот јазик, сега ние можеме слободно да го користиме’. Ете, тоа е предноста на тој конструктивен пристап“, заврши тој.