Филипче: Се потврди дека немам вина за Онкологија – ВМРО-ДПМНЕ води политичка хајка врз мене

Во емисијата 360 степени, претседателот на СДСМ Венко Филипче категорично ги отфрли обвинувањата поврзани со случајот „Онкологија“ и ги обвини ВМРО-ДПМНЕ за политичка манипулација и ширење лажни наративи.

„Сметам дека е добро што има резултат и апсолутно поддржувам да се истера целокупната постапка до крај. Доколку се утврди вина – нормално, секој да сноси одговорност согласно законот“, рече Филипче, поздравувајќи ја завршницата на истрагата која, како што истакна, јасно покажува дека тој не е ниту обвинет, ниту инволвиран.

Тој потсети дека бил повикан како сведок и дека ги предал сите документи за кои ВМРО-ДПМНЕ, преку пратеничката Рашела Мизрахи, неосновано тврдеше дека биле сокриени. „Јас тие документи ги покажав во јавноста, значи неправедно бев обвинет и клеветен“, рече Филипче, додавајќи: „Очигледно е, се докажа дека не е така.“

Филипче беше јасен дека како министер ги испочитувал сите законски ингеренции и дека немал надлежност ниту увид во стручната работа на Клиниката: „Јас не можам – ниту пак кој било министер може – да биде свесен или да одговара за делот на стручната работа на која било јавна здравствена институција“, истакна тој.

Во врска со спорниот механизам за издавање лекови на реверс, Филипче објасни дека тоа бил начин да се обезбеди терапија во услови на недостиг: „Реверсите беа еден систем од којшто сепак се обезбедуваше терапија, затоа што загрозување на здравјето може да биде и ситуација во која имате механизам, а не сте посегнале по тој механизам“, рече тој. Тој посочи и дека сегашната Влада постапила на сличен начин, со тоа што побарала донации од компании – што, како што рече, е „целосно противзаконски“.

Филипче објасни дека проблемот е системски и поврзан со законската рамка: „Нема механизам со којшто прецизно можете да испланирате колку лекови ќе ви требаат за онколошки пациенти“, истакна тој, нагласувајќи дека уште како министер барал промена на Законот за јавни набавки. Но, тогашниот одговор од Министерството за финансии бил дека „не може да се менува системски закон само за една работа“.

Во врска со обвинувањата за фаворизирање веледрогерии, Филипче рече: „Во тој свет на набавка на лекови, системот е многу строго регулиран и контролиран. Станува збор за единствени добавувачи. Државата ги одредува цените – има механизам како тоа се прави.“

На прашањето дали чувствува морална одговорност, тој одговори: „Жалам што имало такви сценарија. Тоа го кажувам не само како поранешен министер – го кажувам како лекар.“ Но, нагласи дека мора да се почека исходот од судскиот процес: „Сепак да почекаме да заврши судскиот процес за да видиме за што точно станува збор и што точно се случувало“, додаде Филипче.

Зачлени се на нашиот е-билтен