По повод 13. седница на Комисијата за образование, наука и спорт, што се одржа на 27 мај во Собранието, потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, остро ги критикуваше предложените измени на законите за основно, средно и високо образование. Таа посочи дека предложените законски решенија, наместо да ја унапредат образовната политика, всушност го продлабочуваат нејзиниот дефицит на транспарентност, критичка мисла и еднаков пристап.
„Нашата аргументација се темели на сериозни недостатоци во неколку клучни аспекти: нетранспарентната подготовка на концепцијата, маргинализацијата на хуманистичките науки, пазарната ориентација која продлабочува нееднаквости, и заканата за дигиталниот суверенитет на учениците“, истакна Чупеска.
Таа предупреди дека реформата е изработена без стручни анализи и без јасна методолошка основа. „Се работи за предлози базирани на анкети со нејасна релевантност. Недостасуваат компаративни студии, што укажува на импровизиран пристап“, рече таа.
Особено силна реакција предизвика предложеното сведување на предмети како филозофија, логика, етика и социологија на изборен статус. Чупеска оцени дека ваквиот потег претставува „идеолошки мотивиран чин со неолиберален предзнак“ и дека го поткопува развојот на критичката мисла кај младите.
„Во време на дезинформации и политички манипулации, учениците мора да учат да размислуваат критички. Наместо да ги оспособиме да бидат активни граѓани со сопствени ставови, ги претвораме во конформни потрошувачи на информација“, додаде таа.
Дополнителна загриженост беше изразена и за аспектот на дигитализацијата. СДСМ не се спротивставува на технолошкиот напредок, но, како што посочи Чупеска, дигитализацијата во сегашниот предлог изгледа „избрзана и непромислена“.
„Без адекватна инфраструктура, заштита на податоците и обука на наставниците, постои реален ризик од злоупотреба на личните податоци на учениците. Тие не смеат да станат податочни единици во систем на надзор“, нагласи Чупеска.
СДСМ повика на вклучување на стручната јавност, на отворање на инклузивна дебата и на враќање на хуманистичките и критички дисциплини во сржта на образовниот процес. „Образованието не смее да се сведува на пазарен производ, туку мора да остане јавно добро и темел на демократско, праведно и прогресивно општество“, порача Чупеска.
Собранието во април во рамки на 42 седница, го донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за средното образование, по скратена постапка, кој беше изгласан со двојно гласање односно и со гласовите на присутните пратеници кои им припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во државава.
Со измените се дефинираат одредби со кои средното образование се уредува како институционално, кадровски и содржински организирано на начин кој овозможува образование за сите ученици, вклучително и деца со попречености, формирање на инклузивни тимови и поддршка за ученици со попреченост.
Се воведуваат одредби за кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование. Со новиот закон се воведува и нова Концепција за испити на крајот на средното образование, а првпат во средните училишта се овозможува ученичко организирање и учество.