Како копчето „лајк“ го смени светот

Интернетот денес не би изгледал исто без копчето „лајк“, емотиконот со кренат палец што „Фејсбук“ и други интернет-услуги го претворија во дигитален магнет.

Сакале или не, тоа копче стана креативен поттик, извор на допамин и емоционален катализатор. Истовремено, прерасна и во туристичка атракција, откако „Фејсбук“ го претстави симболот на огромен билборд пред седиштето во Силициумската долина, сè до ребрендирањето во „Мета платформи“ во 2021 година.

Нова книга со наслов „Ми се допаѓа: Копчето што го смени светот“ го разгледува сложениот пат на симболот кој стана и благослов и проклетство за дигиталното општество.

Приказната почнува од гладијаторските борби за живот во Римското Царство, па до почетокот на 21 век, кога пионери во технологијата како коосновачот на „Јелп“, Рас Симонс, коосновачот на „Твитер“, Биз Стоун, коосновачот на „Пејпал“, Макс Левчин, коосновачот на „Јутјуб“, Стив Чен, и креаторот на „Џимејл“, Пол Бакхајт, експериментирале како да ги мотивираат луѓето да објавуваат содржина без надомест, користејќи ја „валутата“ на признавање.

Во рамките на тие обиди, Боб Гудсон, вработени во „Јелп“, на 18 мај 2005 година нацртал едноставна скица со кренат и свртен палец надолу, како начин луѓето да го изразат своето мислење за рецензии на ресторани на таа платформа. „Јелп“ го одбил неговиот предлог и се одлучил за копчињата „корисно“, „смешно“ и „кул“, предложени од Симонс. Но, старата скица го инспирирала Гудсон да се здружи со Мартин Ривс и заеднички да ја истражат историјата на копчето „лајк“ во нивната нова книга.

Социјалниот извор на еден социјален симбол

Иако „Фејсбук“ е главната причина што копчето стана толку распространето, оваа компанија не го измислила. Компанијата дури и размислувала да го отфрли како безвредна идеја. Биле потребни речиси две години за да се надмине отпорот на извршниот директор Марк Закерберг и конечно да се воведе симболот на 9 февруари 2009 година, пет години по основањето на социјалната мрежа во студентски дом на „Харвард“.

Како што често се случува со иновациите, копчето „лајк“ не произлегло од една личност. Идејата се развивала повеќе од една деценија во Силициумската долина, сè додека „Фејсбук“ не ја прифатил.

Улогата на Холивуд во приказната за копчето

Кога Гудсон ги нацртал палците, идејата не дошла „од ништо“. Гестикулациите со палецот ги внесе во модерната култура оскаровскиот филм „Гладијатор“, во кој царот Комод ги користи тие знаци за да одлучи дали борецот ќе живее или ќе умре.

Но, позитивните чувства поврзани со палецот се појавиле уште порано, преку ликот Фонзи, кого го игра Хенри Винклер во популарната серија „Среќни денови“ од 70-тите. Подоцна, гестикулацијата станала дел и од далечинските управувачи на снимачите „Ти-Во“. Во исто време, страницата „Хот ор нот“ што собирала мислења за изгледот на луѓето кои објавувале свои фотографии експериментирала со слични идеи кои подоцна ќе го инспирираат копчето.

Свој придонес во ова поле дале и платформите „Диг“, „Јутјуб“ и „Вимео“.

Големиот пробив на копчето

Сепак, „Фејсбук“ е тој што го претвори копчето „лајк“ во симбол што сите го разбираат и што најмногу профитираше од неговото воведување.

Во 2007 година инженерите на „Фејсбук“ веќе експериментирале со копчето, но Закерберг се спротивставувал, сметајќи дека мрежата станува премногу натрупана и дека ова ќе ја обезвредни услугата.

Од друга страна, конкурентната мрежа „Френдфид“, создадена од Бакхајт и актуелниот претседател на „Опен АИ“, Брет Тејлор, без двоумење го воведе копчето во октомври 2007 година.

Но, „Френдфид“ не успеа да опстане и подоцна беше купен од „Фејсбук“. До тој момент „Фејсбук“ веќе го воведе копчето, откако Закерберг ја отфрли идејата да се нарекува „фантастично“ копче. Кога конечно попушти, „Фејсбук“ брзо сфати дека копчето не само што ја зголемува активноста на корисниците, туку овозможува и подобро разбирање на нивните интереси, што им помогна во продажбата на прецизно насочени реклами кои минатата година донесоа речиси 165 милијарди долари приходи за компанијата „Мета“.

Копчето стана дел и од други услуги, а во 2016 година беа додадени уште шест емоции.

„Фејсбук“ никогаш не објави колку вкупни реакции се собрани преку овие копчиња, но Левчин верува дека се работи за билиони.

  • Она што им се допаѓа на луѓето е веројатно една од највредните информации на интернет – рекол тој.

Но, копчето исто така придонесе за ширење емоционални проблеми, особено кај тинејџерите кои се чувствуваат отфрлени кога немаат доволно реакции, или кај нарцисоидни личности што живеат од позитивна потврда. Ривс ги гледа овие појави како несакани последици кои секогаш доаѓаат со новите технологии.

  • Ако не можеш точно да ги предвидиш дури ни позитивните ефекти од некоја иновација, како можеш да ги предвидиш нејзините несакани последици? – прашува тој.

И покрај сè, Ривс верува дека копчето допрело нешто длабоко човечко.

  • Сметавме дека случајноста во самото откритие е дел од суштината. И не мислам дека некогаш ќе ни здосади да кажеме дека нешто ни се допаѓа или дека лесно ќе се откажеме од способноста да упатуваме пофалби бидејќи тоа е производ на 100.000 години еволуција – вели тој.

Извор: Apnews.com

Зачлени се на нашиот е-билтен