Студентите и ЕУ бараат слободни медиуми во Србија


Слободни медиуми и владеење на правото – барања што ги обединуваат студентите и ЕУ. Под притисок и уценета за пари, владата најавува реформи. Но, дали навистина ќе го променат системот или само ќе го измамат Брисел?

За новинарот на порталот 021.rs од Нови Сад, Зоран Стрика, работните денови станаа едвај подносливи. Откако на 1 ноември минатата година падна настрешницата на железничката станица во Нови Сад и загинаа 16 лица, бранот протести не стивнува, а притисокот во редакциите расте – бидејќи има повеќе работа, помалку ресурси и сè повеќе отворени закани, објави Дојче веле.

Стрика вели дека по години соочување со вербални закани, ова е прв пат физички да биде нападнат додека известува. Тој ги снимал поддржувачите на СНС кои се собирале на митинг во Белград, кога видел брутален напад врз минувач кој се обидел да го фотографира митингот.

„Тројца мажи го соборија на земја, почнаа да го тепаат, му го украдоа телефонот и го фрлија во Дунав. Еден од нив забележа дека снимам, а потоа налета на мене и се обиде да ми го украде телефонот“, вели Стрика.

За кратко време се чинело дека ситуацијата се смирува, па Стрика се обидел да му помогне на повредениот млад човек. Му го позајмил телефонот за да се јави, а потоа напаѓачите се вратиле.

„Објаснив дека сум новинар, им реков да се тргнат, дека е повикана полиција. Тие ми го одзедоа телефонот од рака, се обидов да го вратам, но го фрлија во Дунав“, вели Стрика.

Зголемен број на напади

Од почетокот на годината, во Србија се регистрирани 128 случаи на напади и притисок врз новинари , додека во текот на целата минатата година имало 166 случаи, според базата на податоци на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС).

„Физичките напади се зголемија, а загрижувачки е што физичките напади и вознемирувањето на новинарите се случуваат во присуство на полицијата. Новинарите се етикетирааткако некој што провоцира напади само затоа што си ја вршат работата, а полицијата не реагира на тоа“, објаснува за ДВ генералната секретарка на НУНС, Тамара Филиповиќ Стевановиќ.

Најголемиот проблем, додава таа, е што никој не одговара за нападите, случаите не добиваат правна завршница, па затоа продолжува таргетирањето од страна на провладините медиуми и јавните службеници.

Покрај тоа, новинарите често се под надзор. Амнести Интернешнл објави дека властите во Србија нелегално ги следеле телефоните на новинарите и активистите. Еден од нив е локален новинар од Димитровград, Славиша Миланов. Тој објасни дека му е инсталиран шпионски софтвер без налог од обвинителството.

„Дали сме криминалци што овој софтвер се користи против нас?“, изјави тој за Н1. „Што и да ни се случи нам или на некого во мојата околина, ќе ја сметам државата за одговорна за тоа“.

Европските милиони ги забрзаа реформите

Безбедноста на новинарите е само една од критичните точки на кои меѓународните и локалните организации што се занимаваат со следење на состојбата со слободата на медиумите во Србија укажуваат со години. Барањата за слободни медиуми беа дел од секој голем граѓански протест во последните десет години.

Европската Унија ги има истите барања во процесот на европска интеграција. Реформската агенда, која содржи конкретен план на реформи што Србија треба да ги исполни до 2027 година, како еден од првите чекори ги наведува измените на медиумските закони и изборот на членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми. Бидејќи Србија не ги исполни овие барања, ЕУ ја одложи исплатата на 111 милиони евра помош.

Потоа владата брзо се ангажираше. Беше започнат нов процес за избор на членови на Советот на РЕМ, а нацрт-закони за медиуми беа доставени до работните групи.

„Ве молиме, доколку имате коментари за сите три предлог-закони, да ни ги доставите во следните 48 часа, за да не го одложуваме дополнително процесот на усвојување и дополнително да го забавиме процесот на европска интеграција на Република Србија“, се наведува во е-поштата испратена од Министерството за информации и телекомуникации до членовите на работните групи.

Одмазда врз независните медиуми

Во НУНС не се чувствуваат како кочничари на реформите. Тие реагираат на повиците и притисоците од меѓународната заедница да учествуваат во дијалог со државата – иако велат дека секој пат се измамени.

„Се чувствуваме исцрпени, бидејќи работиме нон-стоп, а се покажува на крајот дека џабе сме го вложиле целиот тој труд, труд и експертиза“, вели Филиповиќ Стевановиќ. „Дури и кога нешто на крајот ќе влезе во законот, тоа не е гаранција дека нема да биде злоупотребено, дека нема да бидат донесени некои подзаконски акти што целосно ќе го променат духот на законот“.

Ова, вели таа, се случило со кофинансирањето на проектите, па луѓе кои „не се ниту компетентни ниту веродостојни“ влегле во комисиите што донесуваат одлуки за тоа колку пари ќе добие медиум од буџетот. За прв пат, 021 од Ноив сад не доби ниту еден динар од средствата наменети за јавен интерес.

„Она што се случи оваа година беше одмазда на државата врз медиумите, кои професионално известуваа за сè што се случи во Нови Сад и Србија од 1 ноември“, вели Зоран Стрика.

Наместо нив, велат нашите соговорници, парите им биле давани на медиуми кои тесно соработуваат со властите и систематски го кршат новинарскиот кодекс.

Сличен образец, сметаат тие, е забележлив и во новиот процес на избор на членови на Советот на РЕМ. Медиумската заедница и опозицијата предупредуваат дека меѓу кандидатите има и такви кои не ги исполнуваат основните услови, но и истакнати симпатизери на владејачката партија.

„Се плашам дека на Европската Унија ќе и биде доволно само да се изберат членови, кои и да се тие, а со тоа нема да го решиме проблемот“, вели Филиповиќ Стевановиќ.

„Ќе биде само полошо“

„Реформите мора да бидат реални, а не само да се штиклираат точки на хартија“, беше јасна високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, за време на нејзината неодамнешна посета на Србија.

Но, зад затворени врати, велат во НУНС, не добиле никакви гаранции дека работите навистина ќе се придвижат на тој начин. Песимизмот преовладува во медиумската заедница – очекувањата се дека следниот период ќе биде уште потежок.

„Медиумите се важна лост на оваа влада и мислам дека е многу јасна заложбата работите да не се движат во вистинската насока, туку ако може малку повеќе да се зароби, да се стави во рамка и да се користи за потребите на пропагандната машина“, оценува Тамара Филиповиќ Стевановиќ.

Зоран Стрика единствената надеж ја гледа во публиката – и во можната промена на свеста што ја иницираа протестите.

„Се надевам дека заедницата ќе ја препознае важноста на медиумите коишто им се најблиски и кои во претходните години навистина дадоа многу од себе за да ѝ обезбедат квалитет на таа заедница, и дека тогаш всушност таа заедница ќе ги одржи медиумите живи“, заклучува тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен