Комисијата предлага продолжување на престојот за Украинците до 2027 година: Сепак, тие ќе бидат охрабрени доброволно да се вратат дома

Европската комисија објави дека повеќе од четири милиони Украинци кои моментално престојуваат во Европската унија треба да го задржат своето право на привремена заштита до март 2027 година. Во исто време, таа ги повика земјите-членки да развијат програми кои ќе го поттикнат доброволното враќање на Украинците во нивната татковина.

Според предлогот, статусот на привремена заштита воведен по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година ќе биде продолжен за уште една година, до март 2027 година. Продолжувањето мора да биде потврдено од земјите-членки и опфаќа 4,3 милиони Украинци, од кои една третина се деца.

Покрај продолжувањето на заштитата, Комисијата ги повика земјите од ЕУ да размислуваат долгорочно и да овозможат полесна транзиција на Украинците кон други видови дозволи за престој, како студентски и работни визи. Исто така, таа предложи воведување програми кои ќе го поддржат враќањето во Украина, вклучително и организирање на таканаречените „истражувачки посети“ на татковината.

Еврокомесарот за внатрешни работи, Магнус Брунер, нагласи дека сите враќања ќе бидат чисто доброволни, а одлуката за откажување на привремената заштита ќе биде донесена заедно со Украина и членките на ЕУ „само кога ситуацијата ќе стане стабилна“.

Овие предлози доаѓаат во време кога украинската влада развива планови за формирање „центри за единство“, заеднички простори каде граѓаните би можеле да добиваат информации за можното враќање во својата татковина, но и за подобра интеграција во заедниците во кои моментално живеат. Првиот ваков центар треба да биде отворен летово во Берлин, а планирани се и во Прага и шпанскиот град Аликанте.

Заменик-премиерот на Украина, Олексеј Чернишов, рече дека на земјата итно ѝ е потребна работна сила која се враќа: „Ни треба нашиот народ да се врати веднаш штом ќе заврши војната. Треба да ја обновиме и развиеме украинската економија, да ја претвориме во просперитетна и демократска земја“.

Тој истакна дека, доколку Украина ја постигне целта за удвојување на економијата за десет години по војната, што тој го смета за „сосема остварливо“, може да и бидат потребни дополнителни четири милиони работници.

„Само силна економија може да го отвори патот за успешна иднина и интеграција на Украина во Европската унија“, рече Чернишов.

Неуспешни разговори во Истанбул

Предлозите на Комисијата доаѓаат по неуспешните разговори во Истанбул, каде Русија и Украина се договорија само за размена на затвореници. Москва продолжува да одбива да се откаже од своите максималистички цели, вклучително и признавањето на четирите украински региони што делумно ги контролира.

Чернишов рече дека резултатите од досегашните преговори не се онакви какви што можеле да бидат. Тој изјави дека програмата за доброволно враќање, која се развива во соработка со агенциите на ОН, ИОМ и УНХЦР, треба да одговори на бројни прашања кои го мачат секое украинско семејство во Европа: „Како да се вратат? Каде ќе работат? Каде ќе живеат, ќе одат на училиште, што ги чека во здравствениот систем?

Европската комисија најави дополнителни 4 милијарди евра помош за поддршка на Украинците во ЕУ, како дополнение на 15 милијарди евра веќе доделени на земјите-членки од 2022 година.

Привремената заштита за Украинците беше воведена во март 2022 година, прв пат ЕУ да ја активира мерката, како силен знак на солидарност. Статусот веќе неколку пати беше продолжен, но некои земји-членки размислуваат за алтернативни модели.

Така, на пример, во Чешката Република Украинките кои заработуваат најмалку 440.000 круни годишно (околу 14.900 фунти) и имаат двегодишна дозвола за престој, можат да аплицираат за дозвола за долгорочен престој. Во Полска, оние кои се под привремена заштита најмалку една година можат да аплицираат за тригодишна дозвола за престој, но губат некои бенефиции како што се бесплатна здравствена заштита и ослободување од школарина.

Норвешка, иако надвор од ЕУ, има сличен систем за привремена заштита, но минатата година ги заостри правилата. Украинците од областите кои се сметаат за безбедни повеќе не добиваат автоматско право на престој, туку поминуваат низ редовната процедура за азил.

Поддршката на граѓаните на ЕУ за украинските бегалци сè уште е висока, но е намалена во споредба со првите месеци од војната. Според истражувањето на Евробарометар од февруари 2024 година, 71 отсто од испитаниците го поддржуваат прифаќањето на Украинците, додека веднаш по почетокот на инвазијата, тој процент бил дури 88 отсто.

Зачлени се на нашиот е-билтен