Среде дигиталната ера – Македонија конечно има учебници


Во време кога светот експериментира со вештачка интелигенција во образованието, а децата во Јужна Кореја програмираат роботи во трето одделение, Северна Македонија гордо објавува епохален успех: конечно – учебници за сите!

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска на прес-конференција рече дека после шест години, учениците во основните училишта ќе добијат учебници по сите странски јазици. Да, читате точно – шест години без англиски, француски и германски учебници, во членка-кандидат за ЕУ која „интензивно работи“ на дигитална трансформација.

„Наместо да им се делат парталави учебници без корици и со искинати страници, сега училиштата треба да ги пријават во електронскиот систем на министерството и ќе бидат заменети со нови“, рече Јаневска. Инструкцијата звучи како дигитална бајка, но со оглед на тоа дека многу училишта сè уште немаат ни интернет, успехот ќе биде ако системот не падне уште првиот ден.

Министерката потсети и дека учебниците од прво до трето одделение се „работни“, па се печатат секоја година – што значи децата барем имаат што да бојат. Нови ќе има и за седмо одделение, бидејќи, како што објасни, била сменета старата концепција што ги спојуваше предметите, по барање на јавноста и наставниците.

Но вест која заслужува фанфари и скромна парада со балони пред Владата е дека за прв пат после шест години ќе има учебници по странски јазици. Се разбира, досега некои деца можеби учеле француски само преку Netflix, но од септември ќе можат да го прават тоа со учебник во рака – сосема нов!

Во гимназиите и средните стручни училишта исто така ќе има нови учебници – што значи дека ова е веќе втора учебна година во која, верувале или не, учебниците навреме пристигнуваат.

Јаневска изрази благодарност до сите што се вклучени во „навремена испорака“, истакнувајќи дека учебниците се клучен фактор за квалитет во образованието – веднаш по мотивираните наставници и инфраструктурата, која на многу места вклучува прозорци што не се затвораат и кровови што прокиснуваат.

Годишно, државата издвојува околу 660 милиони денари за набавка на учебници. А децата? Тие сè уште мечтаат за таблети, но до тогаш – еве им ги учебниците.

Зачлени се на нашиот е-билтен