Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува со завршни зборови на одбраната

Судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски продолжува денеска во Основен Кривичен суд Скопје со завршен збор на одбраната на обвинетите. На изминатото рочиште Основното јавно обвинителство во завршните зборови побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев, додека, за таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, побара судот да му ја одреди соодветната затворска казна.

По завршните зборови на Основното јавно обвинителство, правните застапници на оштетените семејства пред судот изјавија дека во целост го прифаќаат барањето на Обвинителството, се приклучуваат кон кривичното гонење и бараат имотно правно побарување.

Додека, адвокатот Владимир Туфегџиќ, бранител на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, завршниот збор го оцени како контрадикторен сам по себе. Туфегџиќ нагласи дека никаде не е спомнат таткото, ниту пак било каква конекција со него во врска со извршувањето на кривичното дело. Посочи дека не бил изведен ниту еден доказ од страна на Обвинителството во целата судска постапка со кој би се докажало дека Александар имал комуникација со првообвинетиот Љупчо Палевски.



Зачлени се на нашиот е-билтен