Отчет за сработеното во првата година на Владата ќе одржат вечерва владините претставници во Скопје.
Собранието на 23 јуни минатата година со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра Владата, на чело со Мицкоски. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ. Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскит фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.
Во Владата има вкупно 20 министерства. Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри. Во владиниот состав има само три жени, министерките за финансии, за образование и наука и за енергетика, рударство и минерални суровини, Гордана Димитриеска Кочоска, Весна Јаневска и Сања Божиновска.
Христијан Мицкоски е 13-тиот премиер, кој ја предводи 20-тата влада од осамостојувањето на државата.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера на својот Фејсбук профил соопшти дека за една година покачиле пензии и плати, градат патишта, обезбедиле над 1.2 милијарди евра странски инвестиции и вработиле 1000 полициски службеници и нагласи дека развојот е возможен и на дофат, а најдоброто допрва доаѓа, плодовите на работата на Владата допрва ќе се чувствуваат.