Извештајот на Вајц утре пред европратениците, Скопје очекува силна порака за македонскиот идентитет и јазик

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент утре треба да гласа за Извештајот за напредокот на Македонија на известувачот за земјава Томас Вајц. 

Извештајот, првично, требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваат со тоа што во дoкументот децидно се наведуваат македонскиот јазик и идентитет. Вајц тогаш образложи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламенто

– Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни, изјави Вајц.

Во Извештајот на Вајц се нагласува потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се посочува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ. Се повикува на брз напредок во преговорите за членство во ЕУ и спроведување на уставните измени. Во документот постојат неколку референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.

Во пресрет на гласањето за извештајот во ЕП, премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека очекува Извештајот на Вајц да биде усвоен и да се прати силна порака за македонскиот идентитет и јазик. Вели дека изминатиов период имало силен притисок од бугарски европратеници за измена на овој извештај во кој се говори за посебноста на македонскиот идентитет и јазик.

– Деновиве добив вознемирувачки информации за една силна активност на одредени политичари во Брисел. Успеавме да го амортизираме ударот, кој што повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик. Сепак, огромното мнозинство таму застанува зад нашите аргументи. Ние ќе се бориме против оние кои што изминатите седум години ја ограбија и понижија државата, порача премиерот Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека откако ја добил информацијата за таквите настојувања на на бугарските европратеници во Брисел, имал организирана активност со министерот за надворешни работи, при што успеале да го амортизираат обидот за нов удар врз македонскиот идентитет и јазик.

-Јас успеав да контактирам со сите од Брисел и мислам дека успеавме некако да го амортизираме оној удар, кој што повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик, доформулирајќи го, дообјаснувајќи го со модерен или сегашен, само да се обидат да креираат некоја нова нација, а со тоа да го нарушат и кредибилитетот на самата ЕУ. За жал, постојат и такви членови на Европскиот парламент, но среќа за нас што огромното мнозинство таму, застануваат зад нашите аргументи. Ние ќе се бориме против оние кои што изминатите седум години ја ограбија и понижија Македонија, рече Мицкоски.

Седницата на Комитетот за надворешни работи, според дневната агенда објавена на веб страницата на ЕП, треба да почне во утре во 9 часот, а Извештајот на Томас Вајц за земјавата е прва точка за разгледување и гласање. Бугарски европратеници имаат поднесено амандмани, а дел од нив бараат и воопшто да не се презентира.

Зачлени се на нашиот е-билтен