Австриските медиуми деновиве интензивно известуваат за масовните граѓански и студентски протести што го потресуваат Белград и другите српски градови, фокусирајќи се на барањата за нови избори и авторитарниот одговор на власта. Настаните, според австриските новинари, претставуваат најголема внатрешна политичка криза во Србија од 1990-тите години.
Австрискиот јавен сервис ORF пренесе дека десетици илјади луѓе излегле на улиците на Белград на големиот митинг што се одржа на Видовдан, 28 јуни, со што се заостри политичката атмосфера во земјата. Протестот, предводен од студентски организации, започна поради несреќата со уривањето на железничка настрешница во Нови Сад минатиот ноември, при што загинаа 16 лица. Но, фокусот брзо се прошири кон пошироки прашања – корупција, нефункционални институции и, најгласно, барање за распишување предвремени парламентарни избори.
Претседателот Александар Вучиќ, кој беше директно адресиран од организаторите, одби да распише избори, изјавувајќи дека тие нема да се одржат пред крајот на 2026 година. Во својот одговор тој протестите ги нарече „ултиматум оркестиран од странски сили преку домашни послушници“, пренесува ORF.
Во извештајот на puls24, се наведува дека протестите завршиле со судири со полицијата. Демонстрантите, откако официјално завршил митингот, фрлале камења и ракети кон безбедносните сили, додека полицијата реагирала со солзавец и палки. Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, соопшти дека во нередите се повредени 48 полицајци и 22 демонстранти, а 77 лица биле уапсени, од кои 38 остануваат во притвор.
Австрискиот весник „Дер Стандард“ ја анализира пошироката слика, нарекувајќи го Вучиќ „автократ“ кој, и покрај седум месеци континуирани протести, сè уште ја држи власта цврсто во раце. Весникот потсетува на политичката тежина на Видовдан, симболичен датум во српската историја, и истакнува дека Вучиќ уште пред протестот предупредил на можност за насилство – сценарио што, според дел од демонстрантите, било свесно испровоцирано од власта со цел дискредитација на протестното движење.
„Некои тврдеа дека режимот намерно испратил провокатори за да предизвика насилство и го наруши имиџот на мирните демонстрации“, наведува „Дер Стандард“. Студентите, пак, по апсењето на осуммина организатори, повикаа на нова форма на ненасилни протести преку барикади и блокади, кои се појавија низ Белград, Нови Сад и други градови.
Весникот исто така анализира зошто Вучиќ, кој во минатото често користеше предвремени избори за зајакнување на позицијата, сега одбива таков потег. Последните локални избори во општините Косјериќ и Заечар покажале значителен пад на поддршката за владејачката Српска напредна партија (СНС), и покрај продолжената контрола врз медиумите и институциите.
Медиумите наведуваат и дека опозициските сили во Србија, и покрај зголемената поддршка, се соочуваат со силна репресија – универзитетски професори се казнувани, платите им се скратени, а некои дури останале без примања поради поддршка на протестите.
Во својата анализа, „Дер Стандард“ нотира и меѓународната димензија, наведувајќи дека, и покрај авторитарното однесување и репресивните мерки, Вучиќ ужива поддршка од Западот, особено од САД и Европската Унија. Таа поддршка, според весникот, делумно се должи на економските интереси – особено договорите за експлоатација на литиум – но и на воените договори, вклучувајќи извезена муниција за Украина преку трети земји, што Вучиќ индиректно го потврди.
Австриските медиуми ја заклучуваат својата анализа со став дека, иако Вучиќ сè уште формално ја контролира ситуацијата, довербата во режимот еродира – а студенсткото движење, со новата генерација активни граѓани, може да прерасне во суштинска закана за авторитарниот поредок на Србија.