Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бочварски: Коридорот 8 е главен паневропски коридор, да се потрудиме македонските фирми и работници да бидат повеќе од 51 отсто во изградбата

„По долги години дебата, барања и лобирања од државата, минатата година успеавме Коридорот 8 да го подигнеме на ниво на главен паневропски коридор. Досега тој се водеше како спореден, но заедно со Бугарија, Албанија и Италија успеавме да излобираме во ЕУ тој да влезе на мапата на главни коридори“, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во „Утрински печат“.

Тој додаде дека сега треба на дело да покажеме и тој коридор да го издигнеме на повисоко ниво на безбедност и повисок профил на патна и железничка инфрастктура.

„Со изградбата на Коридорот 8 се поврзуваме со пристаништата во Драч, Бургарс и Варна. Со тоа нема да има монопол на пристаништето во Солун, што е барање на стопанските комори“ рече Бочварски.

Министерот рече дека модернизирањето и изградбата на автопатите придонесуваат за рамномерен регионален развој и раст на економијата со што се зголемува и бројот на работни места во сите региони.

„Во законот е утврдено дека најмалку 51 отсто од ресурсите, каде се и човечките ресурси и механизација, материјали треба да бидат од државата. Тоа е предвидено во законот. Целта е секоја држава да има што повеќе домашни компании, луѓе и механизација да работи. Доколку успееме домашни фирми да влезат со 70 отсто во делот на градбата или градежна механизација, тоа ќе биде успех за државата и компаниите“, посочи министерот Бочварски.

Тој додаде дека интенција на државата е што е можно поголем број од ангажираните работници да бидат од тука, но на крајот пазарот е тој што ќе утврди колку работници ќе има на терен и колку од нив ќе се домашни.

„Секоја компанија која смета дека може да одговори на барањата ја поттикнувам да влезе во реализацијата на овој проект. Ќе се добијат знаења од реномирани компании и на тој начин ќе го развиеме домашниот градежен сектор. Овој проект ќе значи нов старт на градежништвото во државата“, рече Бочварски.

Министерот рече дека ќе му биде мило што повеќе компании да влезат, разговараат и се најдат на терен бидејќи со тоа искуството и знаењето стекнато на овој проект ќе може да се пренесува во иднина.

„Во Косово над 70 отсто од ресурсите биле домашни. Имало голем број на луѓе и компании кои прифатиле да работат. Пазарот во таа држава го понудил тоа. Ние ако можеме 70-80 отсто да работиме со домашни капацитети ќе биде одлично“, рече Бочварски.

„Ќе ми биде мило што повеќе македонски компани да влезат, разговараат и да се најдат на терен, да сработат на коридорите 8 и 10. Имаме сериозна градежна оператива која може да работи рамо до рамо со големите компании, а преку овој проект ќе добијат ново знаење и тоа ќе може да го пренесат во иднина“ рече министерот за транспорт и врски.

Тој додаде дека градежната комора е подготвена и сака да се вклучи, а во кој обем и капацитет ќе одлучат сами.

Со „Бехтел и Енка“ нема да имаме спорови меѓу изведувачот и проектантот, ќе се проектира и гради во реално време.

„Ако денес почнеме автопат со техничка документација изработена во 2005 или 2010 година, тогаш таа може да не соодветствува со реалноста на терен. Можеби нешто се случило и изменило на терен во меѓувреме и така се јавуваат проблеми. Ќе влезе механизацијата и теренот не сооодветствува со проектот, тоа се случи со Кичево-Охрид. Сега целта е во реално време да се проектира и гради“, потенцираше Бочварски.

Министерот додаде дека проектот изработен од „Бехтел и Енка“ ќе биде доставен на одобрување во Јавното претпријатие за државни патишта, како надлежен орган, а веднаш по одобрувањето ќе може да се започне со изградба.

„Вака податоците на терен се од претходните неколку месеци и се влегува на терен со работа. Нема да имаме грешки помеѓу проектната документација и изведувачите на терен. Нема да имаме спорови и обвинувања за разликите, бидејќи истиот изведувач ќе проектира и гради“ рече Бочварски.

Министерот рече дека во моментов компанијата врши мобилизација, по што ќе се започне со испитувања и уцртување на трасите и проектирање.

„Целта е да дозволиме фазна градба. На трасата Прилеп-Битола, на пример, имаме делници каде што има приватно земјиште, но има и делници со државно. Целта во фазното градење е на чистите делници да се почне веднаш да се работи, а паралелно со тоа државата да врши експропријација на останатиот дел од трасата. Со овој чекор побрзо и поефикасно ќе ги завршиме сите делници“ рече Бочварски.

Зачлени се на нашиот е-билтен