Кос: Имате 6 милијарди евра на располагање, парите ќе ги вратиме ако нема напредок

Со порака дека секое евро од шесте милијарди евра предвидени за Западен Балкан зависи од брзината со која земјите ќе ги спроведат реформите, еврокомесарката за проширување Марта Кос ги повика балканските лидери да ја забрзаат реализацијата на последната четвртина од реформската агенда. На самитот ЕУ – Западен Балкан во Скопје таа потсети дека средствата ќе бидат достапни само до крајот на 2027 година и дека неисполнетите обврски значат враќање на парите во буџетот на Европската унија.

„Повеќе би сакала да ги инвестираме средствата во Скопје, Тирана или Сараево отколку повторно да ги вратиме во Брисел, но условот е јасен – испорака на реформи“, изјави Кос на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Според податоците претставени на самитот, земјите од регионот досега имплементирале или започнале 75 проценти од предвидените мерки. Северна Македонија бележи нешто повисок учинок од просекот, но и натаму се соочува со политичка блокада околу уставните измени за вметнување на бугарската заедница во Преамбулата. „Подготвени сме за европски вредности, но нема да прифатиме уцени што не се дел од тие вредности“, рече Мицкоски, изразувајќи резерви дека измените би биле последна отстапка од Скопје на патот кон ЕУ.

Кос, пак, повтори дека веднаш по усвојувањето на измените би се свикала нова Меѓувладина конференција без дополнителни политички услови. „Идентитетот не е предмет на преговарање – тоа се традицијата, јазикот и културата што ги носите во срцето“, нагласи таа.

Како конкретни придобивки од Планот за раст, еврокомесарката ги посочи интегрирањето на четири држави во Еврозонската платежна област (СЕПА), можноста за укинување на роаминг-таксите со ЕУ од 1 јануари 2026 година и договорот меѓу Северна Македонија и Бугарија за забрзување на изградбата на Коридорот 8.

Покрај Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора веќе добија први транши од грантовите и заемите, а „добра вест“ за Брисел е што Босна и Херцеговина минатата недела ја усвои својата реформска агенда и го отвори патот за првата исплата.

Следните средства се очекуваат кон крајот на јули и наесен, откако Европската комисија ќе ги оцени националните извештаи за напредок. Дотогаш, балканските влади имаат јасен избор: да ја заокружат реформската агенда или да се откажат од милијардите што ги нуди Унијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен